САД воведоа санкции за руски компании поради „лажни веб-страници“

Министерство за финансии, Вашингтон, САД

Соединетите Американски Држави (САД) воведоа санкции за две руски компании, обвинувајќи ги дека поддржуваат кампањи за дезинформации под раководство на Кремљ, пренесува AFP.

Во санкциите се вклучени и основачите и сопствениците на тие компании.

„Санкциите се насочени кон Агенцијата за социјален дизајн со седиште во Москва и нејзиниот основач Илја Андреевич Гамбашиџе, како и кон компанијата „Група структура“ и нејзиниот сопственик Николај Александрович Тупикин“, се вели во соопштението на американското Министерство за финансии.

Видете и ова: САД ја санкционираше македонската компанија „Сајтрокс“ поради безбедносен ризик

Како што е наведено, компаниите, во име на руската влада, управувале со преку 60 веб-страници кои имитираат медиумски организации користејќи лажни профили на социјалните медиуми за да ја засилат нивната содржина.

Санкциите доаѓаат во време на засилени тензии меѓу Вашингтон и Москва поради руската инвазија на Украина трета година.
„Се чини дека лажните веб-страници се создадени за внимателно да го имитираат изгледот на легитимните сајтови за вести. Лажните страници вклучуваа и врски до легитимни сајтови“, се вели во соопштението.

САД постојано ја обвинија Москва дека „оркестрира“ како што ги нарекува глобални „кампањи за злонамерно влијание“ чија цел е да сее нестабилност во демократските земји.

АФП потсетува дека во извештајот на американското разузнавање од октомври 2023 година се наведува дека Русија ја користи својата шпионска мрежа, државните и социјалните медиуми за да ја поткопа довербата на јавноста во изборите ширум светот.