Досегашната премиерка и функционерка на владејачката Српска напредна партија (СНС) Ана Брнабиќ е избрана за нов претседател на српскиот парламент.
За неа гласаа 153 пратеници, а пет беа против.
Ана Брнабиќ беше предложена од СНС, партија која заедно со своите партнери на изборната листа има мнозинство од 129 од вкупно 250 мандати во парламентот.
Предлогот Брнабиќ да биде избрана на таа функција се расправаше три дена, кои беа обележани со навреди и довикувања кон пратениците.
Во текот на расправата пратениците од опозицијата го критикуваа владиниот предлог за избор на Брнабиќ за шеф на парламентот.
Видете и ова: Ана Брнабиќ е кандидатка за претседателка на Народното собрание на СрбијаПратеникот на опозициското Национално движење на Србија Борислав Новаковиќ изјави дека претседателот на Собранието мора да биде умерен и да покаже присебност на седницата.
Кандидатката за претседател на парламентот, Ана Брнабиќ изјави дека опозицијата побарала од Европскиот парламент „да го укине суверенитетот на Србија и на Собранието“.
Таа порача дека Европскиот парламент нема да биде над српскиот парламент.
„Не ви беше доволна една резолуција на ЕП, која сами ја донесете и која бара укинување на суверенитетот на Србија, за да може ЕП да ни ги суспендира законите. А тој срам не ви беше доволен, вие сте заканувајќи ни се со нова резолуција на ЕП“, рече Брнабиќ.
Европскиот парламент (ЕП) на 8 февруари усвои резолуција со која бара меѓународна истрага за нерегуларностите на декемвриските избори и суспендирање на финансиите на ЕУ за Србија во случај да се докаже дека властите извршиле изборна измама.
ОДИХР на 28 февруари го објави конечниот извештај за изборите во Србија, во кој се наведува дека условите не биле еднакви за сите поради доминантното учество на претседателот на државата, Александар Вучиќ.
Во извештајот на ОДИХР, Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ, се додава дека се евидентирани притисоци врз вработените во јавниот сектор да гласаат за владата, злоупотреба на јавните ресурси во нејзина корист и медиумска доминација на Вучиќ.
Дел од опозицијата ја обвини власта за изборен фалсификат на декемвриските избори, особено на локалните во Белград, што државниот врв и владејачката СНС ги отфрлаат.
Конститутивната седница на парламентот почна на 6 февруари кога беа верификувани мандатите на пратениците. Тогаш пратениците на опозицијата дадоа заклетва во собраниската сала.
Конститутивната седница продолжи на 18 март.