Блинкен во нова посета на Блискиот Исток

Ентони Блинкен, американски државен секретар

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен е во шеста посета на Блиски Исток од почетокот на војната помеѓу Израел и Хамас.

Како што соопшти Стејт департментот, посетата на Блинкен е со цел да се постигне договор за прекин на огнот и ослободување на израелските заложници.

Предвидено е Блинкен во Џеда да се сретне со лидерите на Саудиска Арабија, а во Каиро ќе има средби со египетските претставници. Египет и Катар посредуваат за да се овозможи поголема хуманитарна помош за Појасот Газа.

Блинкен за време на посетата на Блиски Исток нема да го посети Израел.

Видете и ова: Блинкен се надева на прекин на огнот меѓу Израел и Хамас пред посетата на Блискиот Исток

Деновиве Блинкен изрази надеж дека сепак ќе биде договорен прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, како и ослободување на заложниците кои ги зеде палестинското исламистичко движење Хамас во нападот врз Израел во октомври лани. САД и ЕУ ја прогласија Хамас за терористичка организација.

Блинкен предупреди дека „100 отсто“ од населението на Појасот Газа е во „ситуација на сериозна несигурност во храната“.

Војната започна со нападот на Хамас на 7 октомври во кој загинаа 1160 луѓе во Израел, главно цивили. Екстремистите на Хамас земаа и околу 250 заложници, од кои десетици беа ослободени за време на еднонеделниот прекин на огнот во ноември. Израел верува дека во Газа останале живи 99 заложници, а таму останале телата на 31 заложник.

Според Министерството за здравство на Газа, во израелското бомбардирање и копнената офанзива загинаа 31 112 Палестинци, главно жени и деца.