Основното јавно обвинителство Струга поднесе обвинителен предлог против Рамиз Мерко за кривично дело - Несовесно работење во службата од член 353-в став 1 од Кривичниот законик.
„Обвинетиот, како службено лице- градоначалник на општината Струга, на 31.01.2022 година, свесно ги повредил законските прописи за совесно постапување при именувањето на вршител на должност, директор на општинско основно училиште во селото Лабуништа. Притоа, донел решение и за вршител на должноста именувал лице кое не било од редот на вработените, како што е предвидено во членот 118 од Законот за основно образование, и немала соодветно работно искуство во воспитно-образовна работа предвидено во членот 109 од Законот“, соопшти Обвинителството.
На тој начин обвинетиот овозможил лицето да биде именувано на функцијата и да и се исплаќа плата како в.д. директор 19 месеци, со што на училиштето му била нанесена штета во вкупен износ на неосновано исплатените плати и придонеси.
Видете и ова: Мерка за Мерко – непожелен во САД, прв на проширената „црна листа“На 1 март против него беше поднесено обвинение за набавката на службениот автомобил „Ауди А6“. Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција на 29 февруари го поднело обвинението до Кривичниот суд Скопје за злоупотреба на службената положба и овластување. Според обвинението Мерко се соочува со максимална затворска казна од 5 години.
Инаку за името на Рамиз Мерко, кој во три мандати управува со општина Струга, досега се врзуваа афери и обвинувања за корупција, но ниту една не добила судска завршница. Неговото име се најде и на американската црна листа.