Дијаспората ќе гласа само за претседател, нема доволно пријави за парламентарните избори

илустрација

Вкупно 2954 наши иселеници се пријавиле за гласање во странство на претстојните претседателски и парламентарни избори 2024. Од вкупниот број пријави, според податоците од веб-страната на Државната изборна комисија од синоќа, прифатени се 2610, две се необработени, а одбиени 342.

Оваа бројка би можела да се промени доколку Министерството за надворешни работи до ДИК најдоцна до 21 март, согласно Роковникот за избори, достави пријави од наши државјани поднесени во дипломатско-конзуларните претставништва. Сепак, извесно е дека гласање ќе се организира само за претседателските избори, бидејќи нема доволен број пријавени за избор на пратеници.

Гласањето за претседател на 24 април и за втор круг на 8 мај, врз основа на прифатените пријави, треба да се организира во 24 земји. За да се организираат избори во некое од нашите дипломатски-конзуларни претставништва потребно е да се пријавени најмалку десет избирачи.

Портпаролката на ДИК Љупка Гугучевска минатата недела објасни дека без разлика колку прифатени пријави има за гласање во дијаспората, гласање за претседателските избори ќе се организира, но за да се организира гласање за парламентарните избори потребно е да се пријават најмалку 5355 гласачи во сите 52 конзуларни претставништва или дипломатски канцеларии во странство.

Видете и ова: Продолжен е рокот за пријавување на гласачите во дијаспората поради проблеми со веб-страницата

Како што кажа, со оглед на тоа дека претседател на државата се избира според мнозинскиот систем на целата територија на државата, како и на сите континенти каде што живеат нашите државјани и се смета како една изборна единица ќе бидат организирани избори.

Во однос на парламентарните избори, објаснува таа, пратениците се избираат и во изборната единица во странство според пропорционалниот модел, односно тука има уште еден услов како своевиден цензус. За да биде избран пратеник од Изборната единица 7 треба да освои најмалку онолкав број на гласови колку што освоил пратеник со најмал број на гласови на територијата на државата на последните парламентарни избори.