На Русите и Белорусите нема да им биде дозволено да учествуваат на парадата на спортистите на церемонијата на отворање на Олимписките игри во Париз на 26 јули, соопшти Меѓународниот олимписки комитет (МОК) на 19 март.
Спортистите од Русија и Белорусија, кои ќе се квалификуваат за Олимпијадата, ќе се натпреваруваат како независни без знамиња и химни на земјите, според одлуката на МОК што уследи по руската инвазија на Украина во 2022 година.
Илјадници спортисти ќе учествуваат на парадата, која ќе се разликува од традиционалната која се одвива на стадион, бидејќи натпреварувачите ќе патуваат со чамци по Сена кон Ајфеловата кула.
Русите и Белорусите, кои ќе се натпреваруваат како индивидуални неутрални спортисти под специјално креирано знаме и со химна без текст произведена од МОК, нема да бидат дел од таа парада.
„Тие нема да учествуваат во парадата на делегациите за време на церемонијата на отворање, бидејќи се индивидуални спортисти“, соопшти олимпиското тело по состанокот на извршниот одбор.
Но, во соопштението се вели дека индивидуалните спортисти ќе ги доживеат сите други делови од церемонијата на отворање, освен парадата на тимот.
„Оваа одлука е логична последица на фактот што спортистите со руски и белоруски пасош не се избрани како делегации, туку како поединечни спортисти“, се вели во соопштението на организаторите на Игрите во Париз 2024 по одлуката на МОК.
МОК рече дека оние спортисти кои ќе се квалификуваат потоа ќе бидат проверени од тричлена комисија на МОК со цел да ги исполнат критериумите за подобност што олимпиското тело ги воспостави за Русите и Белорусите.
Видете и ова: Русија останува суспендирана од Меѓународниот олимписки комитетКомисијата е предводена од потпретседателот на МОК, Никол Ховерц, а ги вклучува и поранешниот кошаркарски шампион во НБА, Пау Гасол и поранешниот олимписки шампион во пинг-понг од Јужна Кореја, Рју Сеунг-мин.
На спортистите кои активно ја поддржуваат војната, која Москва ја нарекува „специјална воена операција“, или се ангажирани со војската или безбедносните агенции, нема да им биде дозволено да учествуваат.
МОК соопшти дека околу 36 руски и 22 белоруски спортисти се очекува да поминат низ Париз, во споредба со рускиот тим од 330 спортисти на Олимписките игри во Токио во 2021 година. Тогаш Белорусија имаше тим од 104 спортисти.