Советот на јавни обвинители пред Уставниот суд ќе го оспори законот со кој се намалуваат коефициентите на платите на обвинителите.
Советот смета дека намалувањето на коефициентите е неуставно и политички мотивирано и дека платите на обвинителите се заштитени со закон.
При крајот на февруари во Собранието беа изгласани пакетот закони со кои се намалуваат коефициентите на платите на избраните и именуваните лица. Со законите се опфатени 1 060 избрани и именувани лица како што се претседателот, пратениците, министрите, судиите, јавните обвинители, членовите на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители.
Претседателката на Советот на јавни обвинители Душица Димитриеска изјави дека финансиската независност на правосудните органи, меѓу кои и на јавното обвинителство, е клучна во процесот на унапредување на независноста и самостојноста на јавните обвинители.
„За да се зачува положбата и статусот на јавните обвинители, ние како Совет сметаме дека платата на истите, како и платата на јавните обвинители треба да биде надвор од секакви влијанија“, посочи Димитриеска.
Видете и ова: Цените европски, а платите балкански, освен за функционеритеВо април 2023 со одлука на Уставен суд платите на функционерите им се зголемија за 78 отсто. Иако тогаш владејачката партија, СДСМ, најавуваше дека со закон ќе ги намалат платите, тоа не се случи.
Во февруари годинава СДСМ предложи измени на шест закони со кои ќе се спречи натамошно зголемување на платите на функционерите.
Освен зголемувањето од 78 отсто, добиено лани, функционерите годинава требаше да добијат уште за околу 15 отсто повисоки плати. За да се спречи ново зголемување власта се реши да ги намали коефициентите за пресметка на платите.