Кандидатката за премиер на Бугарија од редовите на ГЕРБ, Марија Габриел, на 19 март му го достави на претседателот Румен Радев предлогот за состав на новата влада.
Кабинетот вклучува пет нови министри од ГЕРБ, останатите се од нејзиниот партнер во владата „Продолжуваме со промените-Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ), пишува бугарската редакција на Радио Слободна Европа.
Веднаш потоа, претседателот издаде указ со кој му предлага на Народното собрание да го избере новиот состав на кабинетот предложен од Габриел.
Малку подоцна од ПП-ДБ соопштија дека со нив не биле договорени ниту составот на кабинетот, ниту договорот за заедничко управување.
Коалицијата ја повлече довербата на Габриел и го повика Радев да го повлече указот.
Ова доаѓа на еден ден откако Габриел го доби мандатот за состав на Влада од Радев. Во понеделникот таа рече дека ГЕРБ и „Продолжуваме со промената - Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ) ќе преговараат само уште 24 часа за идната влада. Габриел не го искористи дадениот рок од седум дена во кој, според Устав, има право да предложи кабинет или да го врати мандатот неисполнет.
Преговорите меѓу ПП-ДБ и ГЕРБ траат од 6 март, кога поранешниот премиер Николај Денков поднесе оставка од кабинетот врз основа на прелиминарниот договор меѓу двете фракции.
Со договорот се предвидува промена на премиерот и претседателот на Народното собрание по 9 месеци.
Откако во неделата се чинеше дека разговорите завршија без успех, бидејќи ПП-ДБ и ГЕРБ сакаат различни работи, разговорите продолжија во понеделник.
Видете и ова: Марија Габриел се согласи да ја формира новата бугарска ВладаПП-ДБ соопшти дека нема да влезе во влада доколку ГЕРБ не потпише договор за реформи во судството, пополнувањето на регулаторите и промената на службите. ГЕРБ, пак, инсистираше на еднаквост на бројот на министри во кабинетот.
За разлика од понеделникот кога го доби мандатот во придружба на премиерот во оставка Николај Денков, денеска со Габриел присутни беа само претставниците од преговарачкиот тим на ГЕРБ.
На минатогодишните априлски избори, ГЕРБ освои 69 пратенички мандати, додека коалицијата предводена од партијата „Промените продолжуваат“ освои 64 од вкупно 240 места во бугарскиот Парламент.