Српскиот претседател Александар Вучиќ му ја честиташе победата на Владимир Путин на претседателските избори во Русија.
Вучиќ објави дека на рускиот амбасадор во Белград, Александар Боцан Харченко му предал писмо за Путин.
„Во писмото, покрај тоа што ми ја честитав изборната победа, ја објаснив тежината на ситуацијата со која се соочува српскиот народ на Косово и Метохија, значајните политички предизвици со кои се соочува Србија и ѝ се заблагодарив на Русија за нејзината поддршка за територијалниот интегритет на Србија“, напиша Вучиќ на Инстаграм.
Претседателот на Србија со рускиот амбасадор разговараше два дена по завршувањето на претседателските избори во Русија на кои победи Путин.
Путин освои повеќе од 87 отсто од гласовите на строго контролираните избори кои Западот ги опиша како ниту слободни, ниту фер.
Собранието на Србија имаше делегација набљудувачи на изборите во Русија, која ја сочинуваа претставници на владејачките партии.
Србија е една од ретките европски земји кои не воведоа санкции кон Русија поради нејзината инвазија на соседна Украина.
Официјален Белград смета на поддршката од Русија во меѓународните организации и институции во однос на непризнавањето на Косово како држава.
Србија не ја признава независноста на Косово, но води дијалог со Приштина за нормализација на односите под покровителство на ЕУ, што треба да резултира со правно обврзувачки договор.