Брисел ќе предложи да се искористат приходите од замрзнатите руски средства во проценета вредност од околу 3 три милијарди евра (3,2 милијарди долари) годишно за да се помогне во вооружувањето на Украина, рече шефот за надворешна политика на Европската унија (ЕУ), Жозеп Борел.
Европската комисија треба да го изнесе својот план до земјите-членки на 20 март, во пресрет на самитот на ЕУ.
Предлогот предвидува 90 отсто од профитот остварен од имотот да оди во фонд што се користи за покривање на трошоците за оружје.
Останатите 10 отсто ќе влезат во буџетот на ЕУ за да се искористат за да се зголеми капацитетот на украинската одбранбена индустрија, јавува агенцијата Франс прес.
„Ако земјите-членки се согласат, тоа ќе биде околу три милијарди евра годишно што можеме да ги добиеме од замрзнатите средства“, рече Борел.
Напорот на ЕУ да најде повеќе средства за Украина доаѓа бидејќи пакетот за поддршка од 60 милијарди долари од другиот голем поддржувач на Киев, Соединетите Американски Држави, останува блокиран во Конгресот.
Смалувањето на залихите на оружје, две години по војната, ги остави силите на Украина без оружје на линијата на фронтот.
ЕУ замрзна околу 200 милијарди евра од имотот на руската централна банка што се чуваше во Унијата како казна, откако Москва го нападна својот сосед во февруари 2022 година.
Околу 90 отсто од тие средства се во сопственост на меѓународната депозитна организација Еуроклиар, со седиште во Белгија.
Земјите на ЕУ со месеци се расправаат што да прават со руските средства, поради повиците од некои земји-членки и други западни сојузници да одат понатаму и да ја запленат целата сума за обнова на Украина.
Земјите како Германија се двоумат да ги допрат средствата замрзнати во ЕУ од страв дека тоа ќе ја поткопа вербата на инвеститорите на европските пазари.
Борел рече дека Европската централна банка била консултирана за предлогот и дека сега е време земјите-членки да донесат одлука бидејќи војната во Украина достигнува клучна фаза.
„Летото ќе биде критично“, рече тој.
„Русија секојдневно удира на позициите на Украина со цел да ги ослабне и кога ќе дојде пролетта и летото, сигурно, ќе видиме зголемена воена активност“, рече Борел.