Пашинијан - Започна демаркацијата на ерменско-азербејџанската граница

Ерменскиот премиер Никол Пашинијан.

Ерменскиот премиер Никол Пашинијан изјави дека започнала демаркацијата на ерменско-азербејџанската граница. Тоа прашање беше клучна пречка за мировниот договор меѓу двете нации, откако Баку ја врати контролата врз спорниот регион Нагорно-Карабах минатата година.

Зборувајќи со жителите на регионот Тавуш што се граничи со Азербејџан на 18 март, Пашинијан рече дека главната цел на разграничувањето на границата е „да се избегне војна“.

Тој додал дека специјалните комисии ќе работат на ова прашање „за да одлучат каде ќе започнува Република Ерменија и тоа ќе биде државната граница на земјата“.

Учесниците на средбата со Пашинијан за РСЕ изјавија дека ерменскиот лидер не дал јасни одговори на прашањата на локалните жители, туку само им рекол дека ќе се земат предвид сите нивни грижи.

Во меѓувреме, Азербејџан инсистира на тоа дека четири села лоцирани во близина на ерменскиот регион Тавуш и азербејџанскиот регион Казакс мора да му бидат отстапени на Азербејџан.

Пашинијан рекол дека предметните села, Баганис Ајрим, Асаги Аскипара, Џејримли и Гезилџаџили, де јуре се наоѓаат на територијата на Азербејџан.

Сепак, локалните жители велат дека ако четирите села бидат ставени под јурисдикција на Баку, нивните села ќе бидат опкружени со азербејџански територии и граничари, што ќе им го комплицира животот.

Шефот на локалната администрација, Нвер Бегларијан, рече дека жителите на неколку села во областа изразиле подготвеност да ги блокираат патиштата и да организираат самоодбрана доколку некои од локалните села бидат ставени под контрола на Азербејџан.

Ерменија и Азербејџан водеа две војни во последните три децении за регионот Нагорно-Карабах, кој од распадот на Советскиот Сојуз беше мнозинско етничко-ерменска енклава, а меѓународно призната како азербејџанска територија.

Видете и ова: Алиев: Поблиску сме од кога било до склучување мир со Ерменија


Регионот првично беше под контрола на етничко-ерменските сили, поддржани од ерменската војска, во сепаратистичките борби кои завршија во 1994 година.

Во 2020 година, Азербејџан врати делови од Нагорно-Карабах заедно со седум околни области кои ерменските сили ги презедоа за време на претходниот конфликт.

Откако Баку ја презеде целосната контрола врз регионот како резултат на еднодневната воена операција во септември минатата година, речиси 100.000 етнички Ерменци избегаа од Нагорно-Карабах во Ерменија.