Ахмети: Руското влијание во Северна Македонија се врши преку партии и медиуми

Али Ахмети, претседател на ДУИ.

Сега зависи како ги гледаме работите, но во време кога се движат стотици илјади воени трупи, кога Русија го загрозува светскиот мир со нуклеарно оружје, кога Русија води војна и бомбардира суверена држава - Украина , ние во Западен Балкан не можеме да бидеме мирни или спокојни, изјави денеска, 19 март, лидерот на ДУИ Али Ахмети, одговарајќи на новинарско прашање на РСЕ во однос на предупредувањата на неговата партија за руско сценарио во земјава кое „има за цел да доведе до политички немири по изборите на 8 мај“.

Ахмети рече дека руското влијание во земјава се врши преку политички партии и телевизии кои ги следат руските политики.

„Овде кај нас има партии создадени од Александар Дугин, кој е шеф на руската политика и ова добро го знаете... има медиуми, има телевизи кои не сакаат да се одржи мир и безбедност во Северна Македонија и на Балканот. Се разбира, Русија сака да има жаришта насекаде за да ја олесни и оправда инвазијата што ја направи на една суверена држава“, додаде Ахмети.

Оваа изјава Ахмети ја даде по денешното потпишување на коалицискиот договор меѓу ДУИ и Народното движење на Скендер Реџепи во пресрет на парламентарните избори кои ќе се одржат оваа пролет.

Ахмети и Реџепи ставија потпис на коалицијата наречена „Европски Фронт“, а лидерот на ДУИ посочи и дека се во тек преговори и со други политички партии, со став дека е процес отворен подолго време.

Инаку, предупредувањата за руско сценарио ДУИ ги објави вчера преку партиско соопштение, но без да даде повеќе детали.

Видете и ова: Четворица од претенденти за шеф на државата ги поднеле кандидатурите до ДИК

„Демократската унија за интеграција со голема загриженост ги следи обвинувањата, клеветите и навредите што опозицијата ги упатува кон кандидатот за Претседател, Бујар Османи, како и кон премиерот Талат Џафери, предупредувајќи за руско сценарио кое има за цел политички немири по 8 мај“, велат од ДУИ.

Партиското соопштение пак кое вчера беше пласирано во јавноста доаѓа како одговор откако албанската опозициска коалиција „ВРЕДИ“ викендов ја обвини ДУИ за бројот на странски набљудувачи што ќе ги мониторираат изборите во земјава, притоа обвинувајќи ја ДУИ дека директно влијаела на ваквиот пристап на странските организации кон државава, со оглед дека претседателскиот кандидат на ДУИ, министерот за надворешни работи Бујар Османи беше претседавач на ОБСЕ .

Оттаму нагласија и дека за една земја членка на НАТО, присуството на ОБСЕ-ОДИХР на изборите со 300 набљудувачи е знак дека таа земја има „реален потенцијал за нерегуларности во изборниот процес“ и факт што зборува дека „ДУИ подготвува терен да предизвика политичка криза по изборите за да може техничката влада на Талат Џафери да го продолжи својот технички живот“.

Кампањата за претседателските избори ќе започне на 4 април. Првиот круг од гласањето ќе се одржи на 24 април, а вториот на 8 мај кога граѓаните на Северна Македонија ќе гласаат и на парламентарни избори.