Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун ги надгледуваше воените вежби кои вклучуваа лансирање на „нови и супер големи“ ракетни фрлачи, објавија државните медиуми на 19 март. Ова се случува еден ден откако Сеул соопшти дека Пјонгјанг лансирал балистички ракети со краток дострел.
Соединетите Држави и Јужна Кореја минатата недела ја завршија една од најголемите заеднички воени вежби, што предизвика гнев кај Северот.
Северна Кореја ги осуди сите вежби на Вашингтон и Сеул, кои ги опиша како подготовки за инвазија.
Војската на Сеул во понеделникот (18 март) соопшти дека открила севернокорејска „балистичка ракета со среден дострел“ која била лансирана додека американскиот државен секретар Антони Блинкен бил во главниот град на Јужна Кореја на разговори.
Супер-големиот ракетен фрлач, кој Сеул и војската на Вашингтон го нарекуваат КН-25, е балистичка ракета со краток дострел, според јужнокорејската новинска агенција Јонхап.
Видете и ова: Воени вежби на Јужна Кореја и САД поради заканите од Северна КорејаСеверот тврди дека оружјето може да биде опремено со тактичка нуклеарна боева глава.
Севернокорејската државна новинска агенција објави дека Ким ги гледал вежбите кои ги тестирале „вистинските воени способности“ на ракетниот фрлач од 600 милиметри, додека тој ја истакнал важноста на „подготовките за време на војна“.
Според Ким, овој ракетен фрлач ќе му помогне на Северот „да ја блокира и потисне можноста за војна со совршена подготвеност да го уништи главниот град на непријателот“.
Видете и ова: Лидерот на Северна Кореја нареди зголемени воени подготовкиПјонгјанг ги предупреди Сеул и Вашингтон овој месец дека ќе плати „висока цена“ за нивните воени вежби, а потоа објави дека Ким рекол дека артилериската единица на неговата земја е способна да го погоди главниот град на Јужна Кореја.
Тестот на балистичка ракета во понеделникот беше втор тест оваа година, при што Северот го прогласи Југот за „главен непријател“, а земјата се откажа од намерата да ги обедини двете Кореи. Вашингтон, клучен сојузник на Сеул, распореди речиси 27 000 американски војници во Јужна Кореја за да му помогне на Сеул да се одбрани од Пјонгјанг.