Четворица од седуммина претенденти за шеф на државата кои собраа потписи од граѓаните денеска (18 март) поднеле кандидатури за претседател до Државната изборна комисија (ДИК).
Според роковникот на ДИК за претседателските избори, кандидатурите треба да бидат поднесени до утревечер (19 март).
Оние кои денеска ги поднеле кандидатурите се: актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски кој е поддржан од СДСМ и коалицијата; Стевчо Јакимовски од Граѓанската опција за Македонија (ГРОМ); Максим Димитриевски од За наша Македонија (ЗНАМ) и Арбен Таравари од поддржан од коалицијата на албанската опозиција Вреди.
Видете и ова: Седум кандидати во трка за „Вила Водно“Останатите тројца претенденти кои успеаја да ги соберат потребните 10.000 потписи и се очекува да ги поднесат кандидатурите се: Гордана Силјановска-Давкова, која е поддржана и со пратенички потписи од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата; Билјана Ванковска поддржана од Левица; и Бујар Османи, поддржан од ДУИ.
За претседателски кандидат потребно е да се соберат 10.000 потписи или да се обезбеди поддршка од 30 пратеници. Според распоредот на силите во парламентот и бројноста на пратеничките групи, поддршка од оваа бројка пратеници можеа да обезбедат само Пендаровски и Силјановска-Давкова. Сепак, и тие решија да собираат потписи.
Рокот за собирање потписи беше од 23 февруари до 8 март.
Откако кандидатурите ќе се поднесат до ДИК, тие треба да бидат потврдени од членовите на оваа комисија со што и формално претендентите за шеф на државата ќе станат претседателски кандидати.
Кампањата за претседателските избори ќе започне на 4 април. Првиот круг од гласањето ќе се одржи на 24 април, а вториот на 8 мај кога граѓаните на Северна Македонија ќе гласаат и на парламентарни избори.