Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ ја отфрли одлуката на Уставниот суд на Хрватска дека не може да биде кандидат на претстојните парламентарни избори доколку не поднесе оставка и рече дека нема намера да го стори тоа.
Уставниот суд на Хрватска одлучи дека актуелниот претседател Зоран Милановиќ, како непартиски на таа функција, не смее да биде кандидат на претстојните избори, а доколку сака тогаш треба да поднесе оставка од функцијата претседател.
Милановиќ, кој ги распиша парламентарните избори во Хрватска за 17 април, пред три дена најави дека ќе биде носител на изборната листа на Социјалдемократската партија (СДП) во првата изборна единица. Милановиќ рече дека на изборите ќе излезе како независен и непартиски кандидат на листата на СДП, по што ќе стане премиер.
Претседателот на Уставниот суд, Мирослав Шепаровиќ, на прес-конференција по седницата на 18 март изјави дека Милановиќ не смее да биде кандидат за пратеник, ниту за премиер, ниту на кој било начин да учествува во изборната кампања.
Видете и ова: Милановиќ не може да биде кандидат за пратеник или за премиерШепаровиќ рече дека Милановиќ, доколку сака да се кандидира, прво мора да поднесе оставка од функцијата претседател на државата, по што претседателските должности ќе ги преземе претседателот на парламентот, а во рок од 60 дена треба да се распишат претседателски избори.
Шепаровиќ ги повика Милановиќ и СДП да постапат во согласност со Уставот на земјата. Уставниот суд, додаде, очекува сериозност од Милановиќ и другите учесници во изборниот процес.
Сепак, Милановиќ ги нарече уставните судии неписмени гангстери, а нивната одлука уставен удар. Во изјавата за новинарите во Вела Лука на островот Корчула, тој рече дека на крајот ќе биде премиер и ги повика граѓаните да се обединат против владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ).
„Ќе бидам кандидат на изборите, како што можев да бидам и на европските избори. Се разбира, нема да си го доделам мандатот на себе. Што е спорно, неписмени гангстери“, праша Милановиќ, кој повтори дека нема да поднесе оставка од позиција на претседател за да не се предаде целата власт на ХДЗ.
Доколку Милановиќ поднесе оставка на функцијата претседател би дошол актуелниот претседател на Собранието Горан Јандроковиќ од владејачката ХДЗ.
Парламентарните избори првично беа планирани за есен, но владата одлучи да ги одржи пред изборите за Европскиот парламент во јуни.
Хрватскиот Сабор има 151 пратеник, од кои 140 се избираат во десет изборни единици, тројца во дијаспората се избираат од хрватски државјани кои живеат во странство, а осум се припадници на националните малцинства во 12-та изборна единица, што е целата земја.