Шефицата на бугарската дипломатија Марија Габриел од централно-десничарската партија ГЕРБ денеска се согласи да ја формира новата влада на Бугарија, по оставката на премиерот Николај Денков на почетокот на март.
„Го прифаќам овој мандат со чувство на одговорност бидејќи на Бугарија и треба стабилност,“ изјави Габриел.
ГЕРБ и прозападниот блок предводен од партијата „Промените продолжуваат“, минатата година се договорија Габриел да ја преземе премиерската функција, откако на досегашниот премиер Николај Денков ќе му заврши деветмесечниот мандат.
Претставниците на ГЕРБ и ПП-ДБ во последните десет дена преговараа за формирање заедничка влада.
Видете и ова: Софија доби прозападен градоначалник, покажуваат резултатите од локалните избориКако што пишува бугарската редакција на Радио Слободна Европа, двете фракции молчеа до неделата вечерта, кога одржаа две последователни прес-конференции за да кажат дека разговорите дошле во ќорсокак. Од нивните изјави стана јасно дека ГЕРБ инсистира на еднаквост на бројот на министри во кабинетот, а ПП-ДБ - на потпишување договор за реформи.
Но, откако претседателот Радев и го врачи мандатот на Габриел, таа и Денков за медиумите изјавија дека преговорите за ротацијата продолжуваат. Кандидатката на ГЕРБ за иден премиер прецизираше дека очекува во следните 24 часа да биде потпишан договор за нивно заедничко управување со ПП-ДБ. Според неа, за тоа ќе се преговара во пакет заедно со идниот состав на Советот на министри.
На минатогодишните априлски избори, ГЕРБ освои 69 пратенички мандати, додека коалицијата предводена од партијата „Промените продолжуваат“ освои 64 од вкупно 240 места во бугарскиот Парламент.