Борел: Од Советот за надворешни работи очекувам важни одлуки за Украина

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел

Се надевам дека денеска (18 март) конечно ќе донесеме важни одлуки, пред се за Фондот за помош на Украина како дел од Европскиот мировен механизам во износ од пет милијарди евра, за што се разговара со недели, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел пред почетокот на денешното заседание на Советот за надворешни работи на Унијата во Брисел.

„Како дел од воената поддршката за Украина, која и е многу неопходна, се надевам дека конечно ќе постигнеме политички договор за користење на профитите од замрзнатите руски средства за да ги зајакнеме капацитетите за финансирање на украинската одбрана“, рече Борел, појаснувајќи дека не станува збор за користење на главницата на замрзнатите средства, тука на профитите од нив.

Тој потсети и дека денеска се навршува првата годишнина од склучувањето на Договорот од Охрид меѓу Косово и Србија за патот кон нормализација на нивните меѓусебни односи. Најавувајќи дека наскоро во Брисел ќе се одржи нова средба на главните преговарачи на Белград и Приштина, Борел изрази жалење што овој договор, чие постигнувања, како што рече, не беше лесно, не е имплементиран.

„Времето лета, а за несреќа и покрај сеопфатната европска и меѓународна поддршка, Србија и Косово постигнаа многу ограничен напредок. Ќе продолжиме со притисокот врз двете страни за да се постигне напредок, но по една година она што е имплементирано е далеку од она што очекував да биде постигнато“, рече Борел.

Видете и ова: Борел ја повикa ЕУ да ја зајакне одбранбената индустрија поради потенцијални закани, но и да продолжи да и помага на Украина

Високиот претставник на ЕУ се осврна и руските претседателски избори спроведени во претходните три дена, нагласувајќи дека тие не беа слободни и фер, дека беа одржани без мониторинг од ОБСЕ и во строго рестриктивен амбиент.

Тој најави дека очекува Советот да донесе одлука за воведување на санкции поврзани со „убиството“ на рускиот опозициски лидер Андреј Навални, за Хамас, како и за насилните еврејски доселеници на Западниот Брег.

Видете и ова: Новите предизвици за Русија и светот во петтиот мандат на Путин

Во однос на случувањата на Блискиот Исток, Борел истакна дека пред почетокот на конфликтот Газа беше најголемиот затвор на отворено, а денес е најголемата гробница на отворено.

„Ситуацијата во Газа е тажна и се надевам дека министрите ќе расправаат со цел да се утврди заеднички став во пресрет на Советот на ЕУ“, додаде Борел.

Тој изјави дека две земји членки на ЕУ побарале преразгледување на Договорот за асоцијација меѓу Унијата и Израел, најавувајќи дека ќе го покрене оваа прашања за политичка дебата на денешната средба.

Главни теми на денешната средба на Советот за надворешни работи ќе бидат руската агресија врз Украина, случувањата во Белорусија, состојбата во Газа и настаните на Хаити, како и дека европските шефови на дипломатиите преку видео конференциска врска ќе имаат размена на мислења и со американскиот државен секретар Ентони Блинкен и со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.