Молдавската влада ги отфрли тврдењата на руските и приднестарските медиуми дека напад со дрон на 17 март уништил воен хеликоптер на теренот во отцепениот регион.
Новинските портали и каналите „Телеграм“ поврзани со сепаратистите објавија фотографии и видеа од наводните остатоци од руски напад со хеликоптер и го цитираа самонареченото Министерство за државна безбедност на Приднестар дека хеликоптерот бил погоден од беспилотно летало камиказа.
„Инцидентот е обид да се предизвика страв и паника во регионот. Поставената опрема не работи веќе неколку години“, се вели во соопштението на владиното биро за реинтеграција на Молдавија.
Видете и ова: Санду: Русија сака да ја дестабилизира МолдавијаВо Кишињев, владиниот портпарол Даниел Вода за новинарите изјави дека „властите во Кишињев, во контакт со украинската страна, не потврдуваат никаков напад врз регионот на Приднестар“.
Вода додава дека, „по прегледување на видеата и размена на информации, соопштуваме дека станува збор за обид да се предизвика страв и паника во регионот“.
Инцидентот, пријавен околу 16 часот и 30 минути, се случил на ден кога жителите на регионот на Приднестар гласале на претседателските избори во Русија, во шест избирачки места што Русија ги отворила на левиот брег на Днестар, и покрај противењето на владата во Кишињев.