Украинскиот претседател Володимир Зеленски вели дека руските сили кои го нападнаа украинскиот пристанишен град Одеса на Црното Море на 15 март ќе добијат „фер одговор“ од силите на Киев.
Зеленски на Телеграм рече дека во Одеса се уште се во тек операциите за спасување и помош.
Украинскиот јавен обвинител претходно на Фејсбук објави дека во нападот загинале 19 луѓе, а десетици други се ранети.
Два руски проектили Искандер-М, истрелани од окупираниот Крим од Русија, погодија станбена област во Одеса, изјави гувернерот на регионот, Олех Кипер. Неколку од загинатите се медицински лица и спасувачи кои беа убиени со втор проектил откако се упатиле на местото на настанот за да ги лекуваат луѓето повредени во првиот напад, додаде Кипер.
Русија ги засили своите напади врз јужниот град во последниве недели, лансирајќи беспилотни летала или проектили речиси секој ден овој месец. Нападот на 15 март беше еден од најсмртоносните во последните неколку недели.
Утрешниот ден (16 март) е прогласен за ден на жалост, а покрената е кривична истрага.
Зеленски се состана со воените команданти, вклучително и министерот за одбрана Рустем Умеров. По важните воени состаноци, тој најави дека Украина со беспилотни летала ќе ги нападне најранливите области на непријателот.
„Колку повеќе руската држава губи и толку е поголема цената на нејзината агресија, толку поблиску ќе биде праведниот крај на оваа војна“, напиша тој на Телеграм.
Зеленски исто така повика на производство на повеќе високотехнолошки беспилотни летала со подолг дострел за идните операции.
Во посебен напад на украинскиот регион Виница загинаа најмалку две лица, додека рускиот пограничен регион Белгород и рафинеријата во западниот регион Калуга, наводно, повторно биле мета на беспилотни летала и проектили.