Вандализирани избирачки места на изборите за претседател на Русија

Војник гласа на претседателските избори во Русија во Ленинградската област на 15 март 2024 година.

Десетина Руси, пркосејќи им на заканите од властите за долги затворски казни, вандализираа гласачки кутии и избирачки места низ Русија, во знак на протест против претседателските избори на кои речиси сигурно Владимир Путин ќе добие уште шест години како претседател.

Полицијата во Москва на 15 март, на првиот од трите дена од гласањето, приведе жена откако истурила зелена антисептичка боја позната како „зелјонка“ во гласачка кутија веднаш откако го ставила своето гласачко ливче.

Истражниот комитет соопшти дека жената е приведена и дека е покрената истрага за „попречување на спроведувањето на избирачките права“.

На друго избирачко место во главниот град, маж е приведен откако истурил слична течност во гласачка кутија.

Извештаи од неколку области низ земјата, вклучувајќи го градот Борисоглебск во регионот Воронеж кој се граничи со Украина, југозападниот град Ростов на Дон, сибирскиот град Новосибирск, регионот Волгоград што граничи со Казахстан, регионот на Северен Кавказ Карачај-Черкезија и Крiм- анектираниот регион од Украина од страна на Русија, исто така соопштија дека имало протести на гласачите со користење на боја.

Во меѓувреме, каналот „База Телеграм“ објави видео од избирачко место во Москва, на кое се гледа како жена истура запалива материја врз гласачка кабина и ја пали.

Во вториот по големина град во Русија, Санкт Петербург, 21-годишна жена е приведена откако фрлила молотов коктел на влезот од локалното училиште во кое се сместени две избирачки места.

Претседателката на изборната комисија, Ела Памфилова, ги предупреди оние што ќе бидат прогласени за виновни за нарушување на гласањето во текот на трите дена, дека ќе се соочат со затворска казна до пет години.

Руските избори се строго контролирани од Кремљ и не се ниту слободни ниту фер, но владата ги смета за неопходни за да се пренесе чувство на легитимност.

Тие се загрозени со исклучување на опозициските кандидати, заплашување гласачи, полнење на гласачки ливчиња и други средства за манипулација. Оние од кои се очекуваше да бидат главните предизвикувачи на Путин во моментов се или затворени или избегаа од земјата, плашејќи се за својата безбедност.

Видете и ова: Русите гласаат на избори чиј исход е однапред познат


Дополнителен гнев на некои е и вклучувањето на четири региони на Украина кои Русија незаконски ги анектираше откако ја започна својата целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Во југоисточниот град Скадовск, окупиран од Русија, во областа Херсон во Украина, експлозивна направа е активирана на избирачко место, но не предизвикала жртви, соопштија властите инсталирани од Русија.

Многу западни влади го нарекоа спроведувањето на изборите во анектираните области „тешко кршење на меѓународното право“.