Џозеф: Со забраната за влез во Русија, мојот глас ќе се слушне уште погласно

Едвард П. Џозеф, предавач на Универзитетот Џон Хопкинс во Вашингтон и поранешен заменик-шеф на мисијата на ОБСЕ на Косово.

Одлуката на Кремљ да ме стави на списокот на Американци на кои им е забрането да патуваат во Русија е, без сомнение, „еден вид признание“, изјави Едвард П. Џозеф, предавач на Универзитетот Џон Хопкинс во Вашингтон, за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Тој сега е извршен директор на Националниот совет за американско-либиски односи.

Тој се наоѓа на списокот со повеќе од 200 американски функционери, академици, претприемачи и други активисти на кои Русија им го забрани влезот во земјата како одмазда за санкциите што Вашингтон ги воведе на руски граѓани поради поддршката на инвазијата на Кремљ врз Украина.

„Се поставува прашањето зошто Кремљ вклучи некој како мене кој ја набљудува Русија главно низ призмата на Балканот. Не ми е познато да му е забрането за патува во Русија на уште некој друг експерт за Балканот, иако може да има и други примери“, рече Џозеф.

Тој смета дека веројатно има неколку причини зошто неговите ставови му пречат на Кремљ.
„Прво, да се потсетиме дека најважниот руски сојузник во регионот – српскиот претседател Александар Вучиќ – лично ме нападна на почетокот на минатата година, веројатно со тоа „го зајакна“ мојот профил меѓу (неговите) руски пријатели“, рече Јозеф.

Видете и ова: Русија го забрани влезот на 227 американски функционери, бизнисмени, професори и новинари

Набргу потоа, Универзитетот Џон Хопкинс, го објави оригиналниот труд на Џозеф во кој се сугерира дека украинското признавање на Косово ќе го намали руското влијание на Балканот - истовремено нанесувајќи штетен удар на адутот на рускиот претседател Владимир Путин за водењето војна против Украина.

Во овој текст Џозеф изјави дека Путин продолжува да го искористува отвореното косовско прашање, а признавањето на Приштина од Киев, според него, ќе иницира процес на конечно, краткорочно и стабилизирачко решение на прашањата кои произлегуваат од распадот на Југославија.

Конечно, Џозеф неодамна ги повика САД и ЕУ да се фокусираат на подготвеноста на Белград да биде домаќин на Rаша тудеј (Russia Today) и Спутник Србија, и покрај санкциите на ЕУ.

Тој смета дека затворањето на Раша тудеј (РТ) и Спутник е целосно „кредибилно барање“ и многу ефикасен чекор, што го знаат и Москва и Белград.

„Не само што би го елиминирал штетниот канал за руско-српско влијание во регионот, отстранувањето на РТ и Спутник Србија би испратило силен, но предупредувачки сигнал до сите руски сојузници низ целиот регион, без разлика дали се во Србија, Босна и Херцеговина. Црна Гора и понатаму“, изјави Џозеф за РСЕ.

На крајот тој истакна дека Москва со забраната за патување во Русија само се погрижила неговиот глас во иднина да има „поголем оддек“.

Видете и ова: Џозеф: Вучиќ и Курти имаат корист од кризата на Kосово


За време на војните во поранешна Југославија, Џозеф беше претставник на САД и на ОН, во Босна и Херцеговина, Косово и Северна Македонија.

Со еден колега од ОН, тој ја координираше евакуацијата на паднатата „заштитена зона“ на Жепа, за што беа потребни контакти со командантот на војската на босанските Срби, Ратко Младиќ, и неговата врховна команда. Сведочењето на Џозеф во Хашкиот трибунал беше наведено како клучно за пресудата за воени злосторства во овој случај.

Џозеф служел и во мисии на Хаити, Ирак, Авганистан и Пакистан.