Ескобар за РСЕ: Курти го одби предлогот за динарите

Габриел Ескобар во интервју за РСЕ, Приштина, 15 март 2024 година

Претставникот на Соединетите Држави за Западен Балкан, Габриел Ескобар, во интервју за Радио Слободна Европа изјави дека не успеал да го убеди косовскиот премиер Албин Курти да одговори на загриженоста на Западот во врска со забраната за употреба на српскиот динар на Косово.

„Потребно ни е решение. Затоа побарав од премиерот да ја суспендира одлуката додека ние, заедно со Европската Унија, односно со САД и Косово, работиме на долгорочно решение кое ќе ги задоволи вашите потреби. Тоа вклучува електронски трансфери во евра преку косовскиот систем. Но, сега мораме да направиме нешто итно. За жал, не успеав да го натерам да се посвети на тоа“, рече Ескобар.

Специјалниот претставник на САД престојуваше во официјална посета на Косово, каде што оствари средби со државниот врв и претставниците на опозицијата. Тој се сретна со политичките претставници на Србите на Косово, со кои разговараше за проблемите со кои се соочува српската заедница.

Видете и ова: Ескобар по средбата со Османи: Има уште многу работа што треба да се заврши

На почетокот на посетата на Косово на 13 март, Ескобар се сретна со претседателката Вјоса Османи, по што рече дека во наредните денови „ќе се сретне со многу луѓе бидејќи има многу работа“.

Прашањето за динарот беше и тема на дијалогот меѓу Косово и Србија на 27 февруари во Брисел, кој заврши без конкретен резултат, а специјалниот пратеник на ЕУ Мирослав Лајчак изјави дека се потребни дополнителни средби.

Косово инсистира дека откажувањето на динарот е „техничка работа“ и оти не треба да се разговара за тоа во контекст на дијалогот за нормализација на односите, додека Србија бара политичко решение.