ДСЗИ: Од понеделник во градинка деца со три дози вакцини против пертусис

илустрација

Директорката на Државниот санитарен здравствен инспекторат Рената Младеновска најави дека денеска (15 март) ќе и биде донесена новата одлука со дообјаснувањето од Комисијата за заразни болести со што се овозможува од понеделник во градинките да се примаат деца кои ја имаат комплетирано вакцинацијата со три дози против пертусис.

Комисијата за заразни болести вчера(14 март) препорача децата кои примиле три дози на ДиТеПер вакцината да може да посетуваат градинка, но под услов да се ревакцинираат за шест месеци.

ДСЗИ неделава изврши стотина вонредни инспкциски надзори низ градинки во кои, како што рече, е утврдено дека се почитува решението за забрана за прием на целосно или делумно вакцинирани деца.

Видете и ова: Скоро 50 отсто од децата во градинките во Скопје не примиле ДиТеПер вакцина

Во однос на значително повисокиот процент на вакцинирани деца во внатрешноста од над 95 проценти, наспроти во Скопје каде 50 отсто не се вакцинирани, Младеновска оцени дека родителите во другите градови во внатрешноста се поодговорни.

Младеновска најави дека ДСЗИ ќе продолжи со инспекциите и во наредниот период.

Инаку кај деца, првата доза вакцина ДТП се дава на деца на возраст со навршени два месеца, втората доза на возраст од четири месеци и третата доза на возраст од шест месеци.

Првата ревакцинација се врши една година по комплетирањето на примарна вакцинација, на 18-месечна возраст. Втората ревакцина се дава во второ одделение, односно на 7-годишна возраст.

Големата кашлица е едно од најзаразните заболувања. Кашлањето е често, силно, трае и до 100 дена. Силната бактериска инфеција може да предизвика дополнителни компликации.