Убиени најмалку 29 Палестинци додека чекале храна

илустрација

Израелската армија убила најмалку 29 Палестинци додека чекале хуманитарна помош во два одвоени напади во Појасот Газа во четвртокот, соопшти Министерството за здравство на Газа.

Во првиот инцидент, палестинските здравствени власти во Појасот Газа управуван од Хамас, означен како терористичка организација од САД и ЕУ, рекоа дека осум лица се убиени во воздушен напад врз центар за дистрибуција на храна во кампот Ал-Нусеират во централниот дел на Појасот Газа.

Во вториот, подоцнежен напад, израелските војници отворија оган врз толпа луѓе кои чекаа камиони со помош на кружен тек во северниот дел на Појасот Газа, при што загинаа 21 лице, а беа ранети повеќе од 150, соопшти палестинското Министерство.

Во соопштението, израелската армија ги негираше нападите врз центрите за помош, велејќи дека извештаите се „лажни“.

„Бидејќи израелската армија го оценува инцидентот со темелноста што ја заслужува, ги повикуваме медиумите да го сторат истото и да се потпираат само на веродостојни информации“, соопшти израелската армија.

Поради војната во Газа, повеќето од 2,3 милиони жители на таа палестинска територија се раселени.

За време на дистрибуцијата на хуманитарна помош имало хаотични сцени и смртоносни инциденти додека очајно гладните луѓе се обидувале да дојдат до храна, пренесува Ројтерс.

Палестинските здравствени власти на 29 февруари соопштија дека израелските сили убиле повеќе од 100 Палестинци додека чекале камиони со храна во близина на градот Газа. Израел соопшти дека мажите загинале меѓу толпата што ги опколила камионите со хуманитарна помош, велејќи дека жртвите биле прегазени.

Видете и ова: Во израелски напад убиени шест жители на Газа кои чекале хуманитарна помош

Во бегалскиот камп Ал-Нусеират во централниот дел на Појасот Газа, палестинските здравствени власти соопштија дека осум лица биле убиени во израелски воздушен напад што погодил центар за дистрибуција на храна во четврток (14 март).

Во Деир Ал Балах, исто така во центарот на Газа, израелски проектил погоди куќа и убил девет лица, соопштија палестинските лекари.

Жителите рекоа дека израелските воздушни и копнени бомбардирања продолжиле во текот на ноќта врз областите низ целата територија, вклучително и Рафа на југ, каде што се засолниле повеќе од милион раселени луѓе.

Војната беше поттикната од нападот на Хамас врз градовите во јужен Израел на 7 октомври 2023 година, во кој според израелските податоци беа убиени 1200 луѓе, а 253 лица беа земени како заложници. Оттогаш, израелските воени воздушни, морски и копнени напади врз Газа убиле повеќе од 31 000 луѓе, а повеќе од 71 500 биле ранети, според палестинските здравствени власти.

Напорите за постигнување прекин на огнот меѓу Израел и Хамас досега пропаднаа. Додека Израел вели дека бара договор што ќе обезбеди ослободување на заложниците во Газа во замена за ослободување на Палестинците кои ги држеше Израел, Хамас инсистира дека договорот мора да стави крај на војната.