Средба на преговарачите на Србија и Косово на 19 март

(Илустративна фотографија) - Знамињата на Европската унија се веат на ветрот додека пешаците поминуваат покрај седиштето на ЕУ во Брисел, на 20 септември 2023 година.

Радио Слободна Европа од дипломатски извори дознава дека на 19 март ќе се одржи рунда дијалог на ниво на главните преговарачи на Србија и Косово.

Според овие извори, на средбата се очекува да се разговара за редоследот на имплементација на договорот за патот кон нормализирање на односите, како и за други прашања, вклучително, можеби и употребата на валутите за плаќање или она што сега се нарекува „прашањето за динарот".

Американскиот пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој е во посета на Приштина, веќе навести дека ќе има средба. Тој по средбата со косовскиот премиер Албин Курти рече дека се надева дека за време на состанокот следниот вторник косовската влада ќе биде флексибилна за ова прашање, без да даде дополнителни детали.

По средбата со Курти, Ескобар изјави за новинарите дека регулативите на Централната банка на Косово за динарот „нанесоа проблеми на некои граѓани на оваа земја“, додавајќи дека САД се „многу загрижени“ поради тоа.

„Премиерот го прифати ова и вети дека ќе погледне некои од предлозите што му ги презентирав денеска“, рече Ескобар.

Видете и ова: Квинта ја поздрави одлуката на Владата на Косово за земјиштето на манастирот Дечани

Прашањето за динарот ги затегна односите меѓу владата на Курти и американската администрација, бидејќи американските власти претходно изјавија дека косовската извршна власт не ги третира како партнери.

Регулативата на Централната банка на Косово, која стапи на сила на 1 февруари, го предвидува еврото како единствена валута за плаќање во Косово.

Државата Србија им доделува милиони евра на Србите во Косово со плаќање во динари - преку паралелен систем - на плати, пензии и дополнителна помош.

Одлуката за регулирање на Централната банка на Косово наиде на критики од САД и Европската Унија, кои тврдат дека е донесена без претходна консултација и без разгледување на негативните ефекти врз српското население на Косово.

Вашингтон побара Косово да го одложи спроведувањето на одлуката, додека ЕУ побара решение за ова прашање да се најде во рамките на дијалогот во Брисел меѓу Косово и Србија, со посредство на европскиот блок.