Белата куќа на 13 март соопшти дека не видела никакви индикации дека Москва е подготвена да употреби нуклеарно оружје во Украина, откако претседателот Владимир Путин рече дека е подготвен да го распореди доколку суверенитетот на Русија биде загрозен.
„Не видовме причина да го прилагодиме нашиот сопствен нуклеарен став, ниту пак некакви индикации дека Русија се подготвува да употреби нуклеарно оружје во Украина“, рече портпаролката Карин Жан-Пјер.
Путин во интервју објавено на 13 март рече дека Русија е технички подготвена за нуклеарна војна и дека ако САД испратат војници во Украина, тоа ќе се смета за значителна ескалација на конфликтот.
Видете и ова: Путин тврди дека рускиот нуклеарен арсенал е „понапреден од американскиот“Коментирајќи ги зборовите на Путин, Карин Жан-Пјер им рече на новинарите дека Вашингтон разбира дека рускиот лидер ја повторува нуклеарната доктрина на Москва, но таа ја обвини Русија дека користи „непромислена и неодговорна“ нуклеарна реторика за време на конфликтот во Украина.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на 14 март изјави дека Путин само одговара на прашањата на новинарите на оваа тема и ги повторува веќе добро познатите околности во кои Русија теоретски ќе биде принудена да користи нуклеарно оружје.
Песков, исто така, го привлече вниманието на фактот дека Путин во истото интервју рече дека идејата за употреба на тактичко нуклеарно оружје во Украина никогаш не му паднала на ум.
Запрашан за коментарите на Белата куќа, Песков рече дека тоа „било намерно вадење на нешто надвор од контекст“ и дека Путин во ова интервју не се заканувал со употреба на нуклеарно оружје, туку зборувал за причините заради кои употребата на нуклеарно оружје може да биде неизбежена.