Во израелски напад убиени шест жители на Газа кои чекале хуманитарна помош

Раселениот Палестинец во Рафа, јужниот дел на Појасот Газа на 11 март.

Во израелски оган загинаа шест Палестинци, а десетици други се ранети додека толпи жители чекаа камиони со помош во градот Газа, соопштија претставници на Министерството за здравство на Газа.

Палестинците брзаа да добијат помош на кружниот тек „Кувајт“ во северниот дел на градот Газа доцна на 13 март, кога израелските сили отвориле оган, рекоа жителите и здравствените власти.

Видете и ова: Блинкен до Израел: Заштитата на цивилите мора да биде приоритет

Израелската војска не одговори веднаш на барањето за коментар за инцидентот.

Конфликтот во Газа го раселува најголемиот дел од 2,3 милиони жители на енклавата .

Имаше и хаотични сцени и смртоносни инциденти при дистрибуцијата на помош додека очајно гладните луѓе се тркаат за храна.

Израел ја започна офанзивата како одмазда за нападот на Хамас - палестинската екстремистичка организација која САД и Европската унија (ЕУ) ја сметаат за терористичка, врз јужен Израел на 7 октомври. Во тие напади загинаа најмалку 1.160 луѓе, повеќето цивили, а повеќе од 250 заложници беа киднапирани и однесени во Газа, од кои 130 се уште се држат во притвор.

Повеќе од 31.000 Палестинци се убиени во петмесечните израелски воздушни и копнени офанзиви, соопшти Министерството за здравство на Газа под контрола на Хамас.