Чешкиот министер за надворешни работи Јан Липавски за време на дебатата во ОН ја повика Москва да ја ослободи новинарката на Радио Слободна Европа (РСЕ) Алса Курмашева, која е во руски притвор речиси пет месеци под обвиненијата што таа, нејзиниот работодавец и нејзините поддржувачи ги отфрлаат.
Говорејќи за време на отворената дебата во Советот за безбедност на ОН во Њујорк на 13 март, Липавски го почна говорот за потребата да се промовира безбедна и поддржувачка атмосфера за жените, бранителите на човековите права, активистите, новинарите и застапниците за родова еднаквост.
Тој потоа ја критикуваше Русија, која е постојана членка на Советот за безбедност, велејќи дека таа е во спротивност со основните принципи на ОН со инвазијата врз Украина и за поткопување на целата безбедносна структура наведена во Повелбата на ОН.
„Би сакал да додадам дека Чешка ја повикува Русија веднаш да ја ослободи Алса Курмасева од притвор“, рече Липавски.
Видете и ова: Руски обвинител бара осум години затвор за новинар кој известувал за војната во УкраинаКурмашева, новинарка на РСЕ од Прага, која има и американско и руско државјанство, е во руски притвор од 18 октомври 2023 година, под обвинение за кршење на законот за т.н. странски агенти.
Стејт департментот на САД сè уште не ја назначил како „неправилно притворена“, како и другите американски државјани затворени во Русија.
Ваквата квалификација ќе го подигне профилот на случајот против Курмашева, означувајќи го како политички мотивиран. Двајца други американски државјани кои ги држи Русија, новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович и поранешниот американски маринец Пол Вилен, се означени како незаконски приведени.
Курмашева, која работеше за татарско-башкирската служба на РСЕ околу 25 години, го напушти чешкиот главен град во средината на мај минатата година поради семеен итен случај во нејзиниот роден Татарстан.
Видете и ова: Судот го одби барањето на новинарката на РСЕ Курмашева за куќен притворТаа била накратко задржана додека го чекала повратниот лет на 2 јуни на аеродромот во Казан, каде и биле одземени пасошот и телефонот. По пет месеци чекање за одлука за нејзиниот случај, Курмашева беше казнета со 10.000 рубли (109 долари) затоа што не го пријавила американскиот пасош до руските власти.
Бидејќи не можеше да ја напушти Русија без патни документи, Курмашева беше повторно приведена во октомври и овојпат обвинета дека не се регистрирала како странски агент. Два месеци подоцна, таа беше обвинета за ширење невистини за руската армија.
Доколку ѝ се суди и биде осудена, Курмашева може да се соочи со казна затвор до 10 години.