Военото присуство на НАТО на Косово е неопходно за одржување на мирот и стабилноста во целиот регион на Западен Балкан, се наведува во годишниот извештај на НАТО, кој на 14 март во Брисел ќе го претстави генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг.
Во извештајот се истакнува дека мировната мисија на НАТО на Косово, КФОР, со години одржува безбедна средина и слободно движење за сите заедници на Косово, во соработка со други меѓународни организации како што се Европската Унија (ЕУ), Обединетите Нации (ОН ) и други.
„Во 2023 година, КФОР одигра клучна улога во обезбедувањето стабилност во Косово по зголемувањето на тензиите во северно Косово. По избувнувањето на насилството во мај и септември, сојузниците распоредија околу 1000 резервни сили во мисијата, најголем пораст во последната деценија. КФОР тројно да го зголеми бројот на патроли и четирикратно да го зголеми присуството на северот на Косово“, се наведува во извештајот.
Тензиите на северот на Косово почнаа да растат на крајот на мај 2023 година, откако новите градоначалници од албанска националност во општините Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ, придружувани од косовската полиција, влегоа во општинските згради.
Видете и ова: Столтенберг: Лидерите од регионот на Западен Балкан да работат на смирување на тензиитеЖителите на северно Косово од српска националност се спротивставија на ова и организираа протести кои кулминираа со насилство на 29 мај во Звечан, кога беа повредени десетици демонстранти и војници на КФОР.
Тензиите ескалираа неколку месеци подоцна, на 24 септември, кога косовската полиција беше нападната од група вооружени Срби во Бањска во Звечан на северот од земјата, при што беа убиени еден полицаец и тројца напаѓачи.
Како резултат на тоа, НАТО го зголеми бројот на своите војници во мировната мисија на КФОР на Косово. Според извештајот на Столтенберг од 14 март, мисијата на КФОР сега има 4700 лица во Косово, вклучувајќи го и резервниот персонал.
Во својот годишен извештај, Столтенберг ја споменува и помошта што НАТО ја дава на безбедносните организации во Косово за градење на нивните капацитети, особено во областа на логистиката, медицинската поддршка, набавките и управувањето со човечките ресурси.
Во овој извештај се изразува и поддршката на НАТО за дијалогот со посредство на ЕУ за нормализација на односите меѓу Косово и Србија.
Видете и ова: Политичките претставници на косовските Срби „охрабрени“ по средбата со ЕскобарВо овој детален извештај се споменуваат главните активности на НАТО во изминатата година, од залагањето за помош на Украина да се соочи со агресијата на Русија, зголемувањето на присуството на источното крило за да се обезбеди заштита на територијата на сите земји членки, зголемувањето на инвестициите, зајакнување на воените капацитети на Алијансата, се до ангажирање во мисии, како онаа на КФОР на Косово.
НАТО редовно поднесува годишен извештај за своите активности.