Окружниот суд на округот Хорошовкси во Москва осуди двајца членови од тимот на починатиот опозициски политичар Алексеј Навални под обвинение за екстремизам.
Алина Олехнович (21) и Иван Трофимов (22) на 14 март беа осудени на по 3,5 години затвор.
Активистите беа уапсени во јули 2023 година. Инспекторите велат дека тие биле поврзани со подземна мрежа на тимови на Навални „вклучени во сомнителни активности“.
Русија ја означи Фондацијата за борба против корупцијата на Навални и другите организации поврзани со него, како екстремистички и ги забрани во јуни 2021 година. После тоа, тимската мрежа на Навални беше распуштена и многу соработници на критичарите на Кремљ избегаа од Русија.
Навални почина во затворот во февруари 2024 година.
Видете и ова: Долгата листа на Руси кои починале откако му се спротивставиле на КремљВо октомври 2022 година, соработниците на Навални најавија повторно воспоставување на мрежа на подземни штабови во Русија, што би било слично на „партизанското подземје“.
Во мај 2023 година, тимот на Навални објасни што всушност прави „подземниот штаб“ - на пример, хакирање веб-страници и објавување летоци.
Во меѓувреме, поранешниот близок соработник на Навални, Леонид Волков, беше нападнат во главниот град на Литванија. Во нападот на 12 март, тој бил нападнат со чекан за месо од неидентификуван напаѓач, кој му ја скршил раката и му нанел други повреди.
На 13 март, Литванија објави дека нападот во Вилнус врз Волков „веројатно“ бил организиран од Москва како дел од серијата провокации во оваа балтичка земја со цел да се заплашат противниците на рускиот претседател Владимир Путин во странство.