Македонската армија ќе се поднови со осум италијански хеликоптери

илустрација

Осум хеликоптери од италијанскиот производител „Леонардо хеликоптерс“ ќе бидат набавени за потребите на Армијата на Република Северна Македонија. Вредноста на леталата ќе изнесува 230 милиони евра, а ќе се плаќа сукцесивно на четири рати.

Првиот хеликоптер ќе пристигне во втората половина на 2026 година, а целата испорака ќе биде извршена заклучно со 2028 година.

Како што информира на брифинг министерката за одбрана Славјанка Петревска, изборот е направен во согласност со долгорочниот план за развој на одбранбените способности 2023-2032 година и плановите на Армијата за обновување на воздухопловната компонента.

Таа потенцира дека постапката за изборот на компанијата е започната по оглас објавен во 2019 година, а критериумите според кои се вршени анализите, како што беше истакнато на брифингот, биле во однос на цената на набавката, техничкото одржување и техничката поддршка, достапност на резервни делови, животниот век на леталата и нивната модуларност и интероперабилност со НАТО-членките.

Видете и ова: Што содржи договорот за набавка на системите за противоклопна борба?

Министерката потенцираше дека во пакетот на набавката влегува и обука на пилотски и технички персонал, како и достапност за симулатори за обука, а ќе биде обезбеден и хангар во кој ќе бидат сместени новите хеликоптери.

На конкурсот за избор на компанија пристигнале четири понуди. Покрај „Леонардо хеликоптерс“ имало и понуди од германско-француски конзорциум, компанија од Соединетите Држави и од Канада.

Договорот за набавка на хеликоптерите ќе биде склучен утре, а ќе го потпишат министерката Петровска и амбасадорот на Италија во името на владите на двете земји. До крајот на месецов ќе биде потпишан и договорот со компанијата „Леонардо хеликоптерс“.