Блинкен до Израел: Заштитата на цивилите мора да биде приоритет

Ентони Блинкен

Пет лица загинале во израелски напад во центар за дистрибуција на храна во Рафа во јужниот дел на Појасот Газа, соопштија палестинските здравствени власти.

Меѓу нив е вработен во Агенцијата на Обединетите Нации за помош на палестинските бегалци (УНРВА), а израелската армија изјави дека еден од командантите на Хамас, организација означена како терористичка организација од САД и Европската Унија, бил меѓу убиените.

Мохамад Абу Хасна, опишан од израелската војска како милитант кој обезбедувал разузнавачки информации за израелските трупи и бил вклучен во дистрибуцијата на хуманитарна помош, се наоѓа на списокот на мртви што го објавија Палестинците.

Хамас не ја потврди смртта на еден од командантите во нападот во кој беа повредени уште 22 лица.

Израел тврди дека се обидува да ги минимизира цивилните жртви додека се бори против екстремистите на Хамас во урбаните области, јавува Гласот на Америка.

Видете и ова: Израел „проверува“ дали во напад e убиен еден од челниците на Хамас

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека Израел мора да обезбеди заштита на палестинските цивили „пред сè“ во борбата против Хамас во Газа.

„Владата на Израел мора да се погрижи заштитата на цивилите и испораката на помош да биде приоритет. И тоа мора да биде првото нешто, иако тие прават се што е потребно за да ја заштитат својата земја и да се борат против заканата што ја претставува Хамас“, рече Блинкен по состанокот со колегите од другите земји.

Вашингтон работи на координирање на меѓународните напори за воспоставување морски коридор за испорака на помош во Газа, рече Блинкен, како дел од американската стратегија за „преплавување“ на зоната со хуманитарна помош.

Видете и ова: Од Кипар тргна првиот брод со хуманитарна помош за Газа

Минатата недела американскиот претседател Џо Бајден ги објави плановите на американската војска да основа пристаниште на брегот на Газа што ќе овозможи дистрибуција на околу два милиони оброци дневно во Газа.

Блинкен одржа видео-конференција со претставници од Кипар, Велика Британија, Обединетите Арапски Емирати, Катар, ЕУ и ОН за да се воспостави нова рута за хуманитарна помош.

САД, исто така, соработуваат со Израел за отворање на коридорот, кој е поддржан од Германија, Грција, Италија, Холандија и Канада, но ќе биде потребно време за да се развие тој пат.

Европската Унија во средата го повика Израел да отвори дополнителни премини за испорака на хуманитарна помош, освен коридорот од Кипар.

Шпански брод со повеќе од 200 тони хуманитарна прехранбена помош тргна од Кипар за Газа во вторникот во обид да обезбеди оброци за десетици илјади Палестинци. Храната, која ја собира World Central Kitchen, добротворна организација основана од славниот готвач, се очекува да стигне во Газа во следните три дена.