Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот (14 март) ги повика граѓаните, вклучително и гласачите во анектираните делови на Украина, да се обединат во одредувањето на иднината на Русија со гласање на претседателските избори оваа недела, на кои, според анкетите, тој повторно ќе победи, пишува Ројтерс.
„Само вие, граѓаните на Русија, можете да одлучувате за иднината на татковината. Би сакал да нагласам дека единствениот извор на моќ во нашата земја е народот. Ова е клучна законска одредба на рускиот устав“, рече Путин во видео-обраќање што првпат беше прикажано на рускиот Далечен Исток, а пренесена од националните новински агенции.
Тој ја истакна сплотеноста и одлучноста на народот во заедничкиот стремеж да се оди напред.
„Секој глас што ќе го дадете е ценет и значаен“, рече Путин и ги повика гласачите да го искористат своето право на глас во следните три дена.
Владимир Путин (71), кој е на власт како претседател или премиер од 2000 година, се соочува со тројца предизвикувачи во трите дена од гласањето, почнувајќи од петок (15 март).
Никој од предизвикувачите не го критикуваше и сите тројца ја поддржуваат „специјалната воена операција“ во Украина, потсетува Ројтерс.
Видете и ова: Игра со броеви: Детали од документот на Кремљ за менаџирање на претстојните претседателски избориАнкетите покажуваат дека Путин ја има поддршката од мнозинството Руси, а едно истражување минатиот месец покажа дека тој има 75 отсто.
Во своето видео обраќање тој рече дека сите гласачи сакаат да видат силна, просперитетна и слободна Русија „за да се подигне животниот стандард и квалитетот на животот“.
„Така ќе биде“, рече тој.
Советот на Руската Федерација, Горниот дом на парламентот, официјално го одреди 17 март за ден на претседателските избори. Централната изборна комисија соопшти дека гласањето ќе трае три дена од 15 до 17 март.За највисоката функција ќе се борат четворица кандидати.
Заедно со Путин, како кандидат е наведен и Владислав Даванков, заменик-претседател на руската Дума и член на Клубот на Новиот народ, Леонид Слуцки, водач на ултранационалистичката Либерално-демократска партија (ЛДПР), лојална на Кремљ и Николај Харитонов, кандидат на Комунистичката партија.