Пратеникот на Соединетите Американски Држави (САД) за Западен Балкан Габриел Ескобар се сретна со политичките претставници на Србите на Косово, со кои разговараше за проблемите со кои се соочува српската заедница.
Како што соопштија од Српската листа, најголемата партија на Србите на Косово, која ја има поддршката од Белград, на Ескобар му било кажано дека одлуките на Владата на Косово ги „загрозуваат основните човекови права“ на припадниците на српската заедница.
Во тој контекст ја споменуваат одлуката на Централната банка на Косово (ЦБК) со која се забранува употребата на српскиот динар, забраната за увоз на стоки од Србија и доаѓањето на власт на албански градоначалници во четири општини на северот на Косово минатиот мај, кога Србите ги бојкотираа изборите.
Видете и ова: Ескобар по средбата со Османи: Има уште многу работа што треба да се завршиВо меѓувреме, Бранимир Стојановиќ од Српското народно движење изјави дека е „охрабрен“ од американскиот пристап кон последните одлуки на косовските власти и дека добил „уверување од Ескобар оти работите ќе се променат во корист на српската заедница“.
„Очекуваме уште посериозни чекори, пред се ситуацијата да се смири, конечно на нашите луѓе да им се овозможат минимални услови за нормален живот“, изјави Стојановиќ по средбата со Ескобар за локалното Радио Ким, кое известува на српски јазик.
Лидерот на Српската демократија, Александар Арсенијевиќ, за овој локален медиум изјави дека со Ескобар разговарал главно за уредбата на ЦБК со која се регулира дека еврото е единственото платежно средство во Косово.
Соопштение објави и Партијата на косовските Срби со наводи дека нивниот лидер Александар Јаблановиќ му ја пренел на Ескобар „тешката и неподнослива ситуација во која се наоѓа српскиот народ на Косово“.
„На средбата Ескобар ја пренесе загриженоста на неговата влада за судбината и нормалниот живот на Србите и вети дека позицијата на Србите на Косово и нивните права во моментов е највисок приоритет на американската амбасада во Косово и на Стејт департментот во односите со Косово“, наведоа од оваа партија.
Централната банка на Косово почна да ја спроведува оваа регулатива од 1 февруари, поради што отежнаа исплатите на Србите во Косово од српскиот буџет кои ги добиваат во динари.
„Разговорот (со Ескобар) беше охрабрувачки“, рече Арсенијевиќ.
На почетокот на посетата на Косово на 13 март, Ескобар се сретна со претседателката Вјоса Османи, по што рече дека во наредните денови „ќе се сретне со многу луѓе бидејќи има многу работа“.
За забраната на динарот на Косово и други прашања се очекува да разговара и со премиерот Албин Курти и опозицијата.
Видете и ова: Лајчак - Многу прашања за уредбата на ЦБК за динарот остануваат неодговорениВо пресрет на посетата на Косово, Ескобар одлуката на косовските власти за забрана на динарот ја нарекол „погубна“ и „некомпетентна“.
Тој изјави дека САД не ја оспоруваат легитимноста на одлуката, но оти имаат проблеми со начинот на спроведување и влијанието што го има врз српската заедница.
Прашањето за динарот беше и тема на дијалогот меѓу Косово и Србија на 27 февруари во Брисел, кој заврши без конкретен резултат, а специјалниот пратеник на ЕУ Мирослав Лајчак изјави дека се потребни дополнителни средби.
Косово инсистира дека откажувањето на динарот е „техничка работа“ и оти не треба да се разговара за тоа во контекст на дијалогот за нормализација на односите, додека Србија бара политичко решение.