Судијата во судскиот процес против Доналд Трамп за поткопување на изборите во сојузната држава Џорџија во средата отфрли три точки од обвинението против поранешниот американски претседател и тројца други обвинети, покажуваат судските поднесоци, истовремено дозволувајќи целиот случај да продолжи.
Судијата на округот Фултон, Скот Мекафи, пресуди дека наводите на обвинителите дека Трамп и неговите сообвинети се обиделе да ги натераат функционерите во Џорџија да ја прекршат својата заклетва, не биле доволно детални за да ги поддржат тие шест точки, се вели во судската одлука.
Судијата остави недопрени 35 други точки од обвинението, вклучително и 10 против Трамп. Централното обвинение за таканаречено рекетирање, односно организирано делување, против Трамп и неговите преостанати 14 сообвинети останува на сила.
Видете и ова: Бајден и Трамп ги обезбедија претседателските номинации за изборите во ноемвриТрамп и неговите сообвинети се изјаснија дека не се виновни по обвиненијата дека формирале криминална шема за да го поништат неговиот пораз од Џо Бајден во Џорџија на изборите во 2020 година.
Мекафи рече дека обвинителите би можеле да поднесат ново, подетално обвинение за отфрлените точки.
Случајот со Џорџија е едно од четирите кривични гонења со кои се соочува Трамп додека се обидува да го победи Бајден. Тој, исто така, се соочува со федерални обвиненија за обид за поништување на изборниот пораз и треба да оди на судење во Њујорк на почетокот на овој месец за обвиненијата поврзани со тајните пари платени на порно ѕвезда.
Трамп негираше дека сторил нешто лошо во сите четири случаи и рече дека сите тие биле обиди да го спречат да се врати на претседателската функција.
„Целото гонење на претседателот Трамп е политичко, тоа претставува мешање во изборите и треба да биде отфрлено“, рече во изјавата Стив Седоу, главниот адвокат на Трамп во случајот Џорџија.
Портпаролката на канцеларијата на окружниот обвинител на округот Фултон рече дека обвинителите ја разгледуваат пресудата и одбија дополнителни коментари.
Видете и ова: Врховниот суд на САД пресуди дека Трамп може да остане на гласачкото ливчеАдвокатите на Трамп и петмина негови сојузници, вклучително и поранешниот шеф на кабинетот на Белата куќа, Марк Медоус и личниот адвокат на Трамп, Руди Џулијани, ги оспорија обвинувањата дека се обиделе да ги натераат пратениците од Џорџија да ја прекршат својата заклетва на функцијата убедувајќи ги да именуваат лажни списоци на електорати на Трамп.
Две од шесте обвиненија кои Мекафи ги отфрли се однесуваат на телефонски повик од јануари 2021 година во кој Трамп, наводно, побарал од највисокиот изборен функционер во Џорџија, Бред Рафенспергер, да „најде“ гласови за да го поништи неговиот пораз во таа држава.
Обвинението не прецизираше доволно детали како Трамп и неговите сообвинети можеле да ги охрабрат функционерите да ја прекршат својата заклетва на функцијата или нивните должности кон Соединетите држави или уставот на Џорџија, рече Мекафи.