Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на САД (ОФАЦ) во средата објави дека на листата на санкционирани ставила три лица кои придонеле кон напорите на поединецот под санкции и претседател на ентитетот Република Српска, Милорад Додик, да ги поткопа мирот и стабилноста на Босна и Херцеговина со организирање на прославата на неуставен Ден на Република Српска.
Во соопштението се наведува дека Бранислав Окука, Јелена Пајиќ Баштинац и Сребренка Голиќ со организацијата на одбележувањето на неуставниот Ден на РС, помогнале во напорите на Додик за поткопување на Дејтонскиот мировен договор и овластувањата на Уставниот суд на БиХ, како и на високиот претставник.
Со ставање на списокот, на санкционираните лица ќе им бидат блокирани сите средства што ги имаат во САД, а ќе им се забрани и трансакции на американски државјани со нив.
„САД се длабоко загрижени поради континуираните обиди за поткопување на Дејтонскиот мировен договор и Уставот на Босна и Херцеговина како две клучни институции најважни за мирот и стабилноста во регионот“, рече потсекретарот за тероризам и финансиско разузнавање на Министерството за финансии Брајан Е. Нелсон.
Видете и ова: Се чекаа санкции, се роди предлог закон за црните листиНелсон додаде дека САД ќе продолжат да ги повикуваат „на одговорност оние кои се обидуваат да сеат поделби за свои политички цели, на штета на граѓаните на Босна и Херцеговина“.
На 8, 9 и 10 јануари 2024 година, Владата на Република Српска го организираше одбележувањето на Денот на РС, спротивно на претходните одлуки на Уставниот суд на Босна и Херцеговина, според кои одбележувањето на тој празник на 9 јануари е неуставно, бидејќи му дава приоритет на „верското наследство, традициите и обичаите само на српскиот народ“, што ја нарушува уставната обврска за недискриминација.
На 9 јануари 1992 година, Собранието на српскиот народ во Босна и Херцеговина ја усвои Декларацијата за прогласување на Република на српскиот народ на Босна и Херцеговина како независен ентитет во Босна и Херцеговина, а властите во РС го одбележуваат овој датум како ден на основање на Република Српска.
Претставниците на Бошњаците и Хрватите не учествуваа во изготвувањето на декларацијата. Овие две нации го гледаат 9 јануари како почеток на војната во Босна и Херцеговина и почеток на етничко чистење, воени злосторства и геноцид врз несрпското население.
Додик го назначил и лично побарал од организациониот одбор да го испланира одбележувањето на Денот на Република Српска, се наведува во соопштението на американските власти и се додава дека трите лица вклучени на „црната листа“ биле членови на тој организациски одбор и учествувале на состанокот на 27 ноември 2023 година, кога бил одобрен план за настанот.
Помагајќи во одбележувањето на Денот на РС, овие лица свесно дејствувале спротивно на заклучоците на Уставниот суд на Босна и Херцеговина и на високиот претставник и покажале отворен презир кон Дејтонскиот мировен договор, се вели во соопштението на ОФАЦ.
Видете и ова: Што се случува со оние на црната американска листа?Најновото проширување на санкцијата е дел од пошироките напори на Владата на САД за промовирање на мирот, стабилноста и функционалната демократска влада во регионот на Западен Балкан, се вели во соопштението.
САД го ставија Додик на листата на санкционирани лица на 5 јануари 2022 година, за одговорност или соучесништво, за директно или индиректно учество, за повреди или активности кои претставуваат пречка или закана за спроведувањето на Дејтонскиот мировен договор, како и за коруптивни практики.
Додик претходно беше ставен на листата на американски санкции на 17 јули 2017 година поради „активно попречување или претставување значителен ризик од активно попречување на Дејтонскиот мировен договор“.