Претставничкиот дом на САД во средата со големо мнозинство го одобри нацрт-законот кој ќе го принуди Тик-Ток да се одвои од својот кинески сопственик или ќе се соочи со забрана од САД.
Нацрт-законот е голем удар за апликацијата за споделување видеа, која стана популарна низ целиот свет, истовремено предизвикувајќи нервоза поради тоа што е во сопственост на кинеска компанија и поради потенцијалната потчинетост на Комунистичката партија во Пекинг.
Членовите на Претставничкиот дом го усвоија предлогот со 352 гласа „за“ и 65 „против“, во редок момент на единство во политички поделениот Вашингтон.
„Денешното двопартиско гласање го покажува противењето на Конгресот на обидите на комунистичка Кина да ги шпионира и манипулира Американците и ја сигнализира нашата одлучност да ги одвратиме нашите непријатели“, рече претседателот на Претставничкиот дом, републиканецот Мајк Џонсон по гласањето.
Видете и ова: Гласање во Конгресот и можна забрана за Тик-Ток во САДТој го повика Сенатот да го усвои предлог-законот и да го испрати до претседателот Џо Бајден да го потпише.
Иако Белата куќа рече дека Бајден ќе го потпише предлогот, наречен „Закон за заштита на Американците од апликации контролирани од странски противници“, судбината на законот е неизвесна во Сенатот, каде што некои клучни сенатори стравуваат да направат таков драстичен потег против апликацијата, која има 170 милиони корисници во САД.
Во изјава, портпаролот на Тик-Ток изрази надеж дека „Сенатот ќе ги разгледа фактите, ќе ги слуша неговите конституенти и ќе го разбере влијанието врз економијата, седумте милиони мали бизниси и 170 милиони Американци кои ги користат нашите услуги“.
Мерката, која зема замав во последните денови, бара од матичната компанија на Тик-Ток, Бајтденс, да ја продаде апликацијата во рок од 180 дена или ќе се соочи со забрана од продавниците за апликации на Ејпл и Гугл во САД.
Тој, исто така, му дава на претседателот овластување да назначи други апликации како закана за националната безбедност доколку тие се контролирани од земја која се смета за непријателска кон САД.
Факторот Трамп
Кина во средата предупреди дека потегот негативно ќе влијае на САД.
„Иако Соединетите Држави никогаш не најдоа докази дека Тик-Ток ја загрозува националната безбедност на САД, тие не престанаа да го потиснуваат Тик-Ток“, рече портпаролот на Министерството за надворешни работи, Ванг Венбин, нарекувајќи го ова „насилничко однесување“.
Републиканските пратеници гласаа за законот, во необичен чин на пркос против поранешниот претседател Доналд Трамп, кој, во пресврт на неговиот претходен став, во понеделникот рече дека е против забраната, главно затоа што тоа ќе ја зајакне Мета, компанијата сопственик на Инстаграм и Фејсбук, која тој ја нарече „непријател на народот“.
Кога беше претседател, Трамп се обиде да ја преземе контролата врз Тик-Ток од Бајтденс, но беше блокиран од американските судови.
Видете и ова: ЕУ со парична казна од речиси две милијарди евра за технолошкиот гигант ЕплПредлогот за законска забрана на Тик-Ток пред една година не успеа главно поради загриженоста за слободата на говорот.
Слично на тоа, федералниот суд го суспендираше државниот закон донесен во Монтана со кој се забранува платформата поради сомневање дека ги прекршува уставните права на слобода на говор.
Тик-Ток жестоко негира какви било врски со кинеската влада и ја реструктуира компанијата така што податоците на американските корисници остануваат во земјата под независен надзор, соопшти компанијата.