Дрин Ахмети, внук на лидерот на ДУИ Али Ахмети, кој беше основач и сопственик на „Тор индустрис“ до крајот на годинава ќе се повлече од раководната функција во компанијата.
Оваа информација на 13 март преку соопштение до медиумите ја лиферуваа од „Тор индустрис“ објавувајќи дека компанијата има нови газди. Според соопштението, новите сопственик е американската компанија „Тексас американ интернешенал холдингс“.
„Дрин Ахмеди, извршниот директор кој беше на чело на компанијата како основач и сопственик на ’Тор индустрис‘ водејќи ја компанијата низ различни фази на раст и реструктуирање, ќе се повлече до крајот на годината. Оваа одлука доаѓа како дел од планот за транзиција на стратешкото лидерство, кој обезбедува непречено и ефективно пренесување на одговорностите на новиот менаџерски тим назначен од ’Американ интернешенал холдингс‘ во Тексас“, пишува во соопштението од „Тор индустрис“.
Видете и ова: Дрин Ахмети без вложен денар станува косопственик на „Соравија“Во него се додава дека интеграцијата на „Тор индустрис“ во американската компанија претставува „хармонично усогласување на вредностите и стратешките цели на двете фирми“, како и дека се „отвораат нови патишта за иновации, проширување на пазарот и подобри понуди на услуги за клиентите“.
Од „Тор индустрис“ најавуваат дека дополнителни детали за транзициите на раководните позиции ќе бидат споделени со јавноста „во догледно време“.
Компанијата на вкукот на Али Ахмети беше во фокусот на јавноста откако го купи трговскиот центар „Соравиа“ во центарот на Скопје.
Во јуни 2023 австриските сопственици на „Соравиа“ објавија дека продаваат 90 отсто од акциите во двете нејзини фирми „Соравиа инвест“ и „Соравиа „Менаџмент“. Новите мнозински сопственици станаа „Тор индустрис“ и албанската компанија „Пе-вла-ку“. Ахмети заедно со албанскиот бизнисмен од „Пе-вла-ку“ Владимир Пјетерѓокај тогаш излегоа на заедничка прес-конференција, но не открија по која цена го купуваат трговскиот центар. Она што го кажаа е дека го преземаат долгот на „Соравиа“ од 20 милиони евра.
Покрај „Тор индустрис“, Дрин Ахмети поседува и други бизниси, меѓу кои и компанијата „Еверест ЏД“ која како што веќе е познато, поседува активна концесија за експлоатација на варовник во Зајас.
Додека бизнисите на 25-годишниот Дрин Ахмети беа во фокусот на јавноста, неговиот чичко, Али Ахмети, како и министрите од ДУИ Бујар Османи и Крешник Бектеши во неколку наврати изјавуваа дека тој е способен млад бизнисмен.
Видете и ова: Антикорупциска - Фондот за иновации да одговара за грантовите на внукот на АхметиСо споменатите две компании, внукот на лидерот на ДУИ беше една од точките за кои се разговараше и на седница на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) во февруари годинава. Антикорупционерите тогаш побараа Владата да го разреши раководството на Фондот за иновации технолошки развој (ФИТР) поради сомневање за незаконско постапување при доделување на пари за проекти во вредност од 81 илјада евра на фирми на Дрин Ахмети.
Меѓутоа, техничкиот премиер Талат Џафери, кој е од редовите на ДУИ, на почетокот на март порача дека „Владата ниту е судија, ниту е обвинител“ односно нема да постапи по иницијативата додека надлежните институции не докажат вина на раководството.