Џафери: Набавување возила на лизинг е пракса, трошоците се помали

Талат Џафери, премиер на техничката влада на Северна Македонија

Набавувањето на возила на лизинг, според техничкиот премиер Талат Џафери, носи помалку трошоци од купувањето нови автомобили.

По информацијата дека за набавката на 45 возила на лизинг од страна на Владата, во изјава за медиумите Џафери рече дека ова не е никаква новина туку пракса која постои повеќе години

„Претпоставувам дека е направена според соодветни анализи од претходниот период. Лизингот е поевтин од купувањето на возила, имајќи предвид дека за периодот на лизинг, гаранцијата и одржувањето на возилото е на давателот на услугата а не на побарувачот. Во тој контекст, одржувањето би било поскапо доколку овие возила по пет години би останале во користење на институцијата, изјави премиерот.

Според него, оваа постапка не може да се врзе со предизборниот период, бидејќи станува збор за редовна активност која мора да се спроведе.

„Постапката зависи од периодот на заменливост, затоа што претходните договори се врзани или за времетраење или за помината километража. Не може ова да се врзува ова со моментот на изборите, затоа што договорот мора да се спроведе, имајќи предвид дека тоа е редовна активност, и изборните активности не може да бидат пречка при нивно спроведување“, додаде Џафери.

Видете и ова: Автопатите на Бехтел и Енка по една година - нема ни педа асфалт

Претходно и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи одговараше на новинарски прашања за набавката посочувајќи дека станува збор за редовна програма и оти реалната реализација на набавката ќе биде во ноември.

„Тоа е во среднорочниот план, се знае на колку километри се менуваат службените возила и не се набавуваат сега. Мислам дека би требало во ноември да бидат набавени кога реално ќе се случи реализацијата, но бидејќи е во редовниот план за набавки, во програмите, независно на изборниот процес, државата и институциите функционираат“, рече Битиќи.

И вицепремиерот го дели ставот на премиерот, дека лизингот носи помалку трошоци и затоа тврди дека тоа „е најупотребуваниот механизам за службени возила во цел свет“.

За набавката на возила на лизинг која ја прави Службата за општи и заеднички работи при владата, понудите треба да се отворат на 27 март. Се бара возилата да бидат на дизел и од минимум 2.000 кубни сантиметри моторна зафатнина.