Укинување на мерката притвор денеска (13 март) пред Врховниот суд побара одбраната на А.Ѓ., татко на 14-годишната Вања која беше пронајдена мртва на 3 декември 2023 во близина на Скопје. Таткото е осомничен дека помагал во грабнувањето на девојчето.
Седницата во Врховен следува откако одбраната поднесе жалба бидејќи Апелационискиот суд во Скопје го одби барањето за укинување на мерката притвор.
Таткото во своето излагање пред судот се приклучи на барањата на неговиот адвокат и порача дека него му е важно само да ја дочека разрешницата за убиството на неговата постара ќерка.
„Јас сум поделен на два света во моментов, едното дете ми се наоѓа тука, другото ми го одземаа. Не ми е важно каде ќе ја дочекам разрешница од оваа ситуација, важно ми е да дојде до разрешница, за да можам и јас да донесам одлука како возрасен човек дали ќе продолжам на овој свет или ќе се придружам на постарата ќеркичка“, рече А.Ѓ.
Видете и ова: Лога се надева на релативно брза екстрадиција на Палевски од ТурцијаНеговиот адвокат, Владимир Туфегџиќ, барајќи укинување на мерката рече дека обвинителството не приложило ниту еден доказ или индиција од кој може да се заклучи дека постои минималниот стандард за продолжување на притворот.
„Основано сомнение дека било извршено кривично дело подразбира постоење на факти и информации за кои некој би можел да се убеди дека осомничениот го сторил делото. Аргументите за и против не смеат да бидат општи и апстрактни, туку треба да содржат аргументи кои го оправдуваат притворот, рече адвокатот.
Туфегџиќ нагласи дека осомничениот минува низ процес на загуба, а како што рече, досегашното однесување на неговиот клиент е здрава реакција на загуба на своето дете што, како што дополни, е најтешко нешто што може да му се случи на еден родител.
Адвокатот пред судот тврдеше и дека осомничениот татко тој тврдеше дека таткото со проактивна одбрана учествувал во оваа кривична постапка заради целосно разјаснување на работите. Како што рече, помогнал да се пријават видео записи од различни објекти и ги доставил до полиција.
Видете и ова: Одбиено барањето за замена на притворот со куќен притвор за таткото на Вања ЃорчевскаТуфегџиќ, исто така, пред Врховен тврдеше дека обвинетиот не може да влијае врз сведоците бидејќи сите веќе биле сослушани како и на фактот дека на обвинетиот не му бил дозволен увид во списите. Како одбрана тие реагираа и со тврдења дека обвинетиот во притворскиот објект бил подложен на тортура на начин што повеќе пати бил испитувани од лица кои се претставувале како полициски службеници, односно бил под притисок да го признае делото кое му се става на товар.
Наспроти адвокатот и обвинетиот, обвинителството не се согласува на укинување на притвор и бара Врховниот суд да го одбие барањето како неосновано.
Според обвинителката Наталија Тасевска, Апелациониот суд донел јасно решение во кое има доволно образложени причини дека осомничениот го сторил кривичното дело грабнување, кое, како што посочи, со текот на истрагата се надоградува со повеќе докази, а истрагата сè уште трае.
„Станува збор за тешко кривично дело од кое е произлезена тешка последица, а за судството во такви дејствија законот предвидува тешка казна, од кое само по себе произлегува причината дека ако обвинетиот е на слобода ќе постои висок степен на веројатност дека ќе се даде во бегство“, рече таа.
Обвинителката дополни дека во оваа фаза на постапката, кога сè уште се преземаат истражни дејствија, постои можност обвинетиот да влијае на сведоците со дел да овозможи подобра позиција, односно да истите во текот на понатамошна постапка да ги променат исказите.
„Особено би нагласила дека во оваа фаза на постапката, мерката со која може да се обезбеди непречено водење на кривична постапка е притвор“, рече таа.
Видете и ова: Укинат притворот на возачот на ПалевскиМалолетната Вања Ѓорчевска, која беше пронајдена мртва на 3 декември, беше пријавена за исчезната на 27 ноември. Истиот ден кога беше пронајдено нејзиното тело во околината на Скопје, во близина на Велес, пак, беше пронајдено телото и на велешанецот Панче Жежовски.
Во случајот за делата грабнување и убиство на свиреп начин осомничен е Љупчо Палевски – Палчо, кој беше фатен во Турција од каде се очекува негова екстрадиција.
Како соизвршители во делата во притвор се наоѓаат уште три лица, додека таткото е петтиот осомничен за помагање во грабнување.
За помагање во бегството на Палчо, пак, осомничено е едно лице кое се наоѓаше во притвор, но вчера по барање на обвинителството му беше укината оваа мерка и наместо неа му беа определени мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште, одземање патна исправа и обврска за јавување во суд.