Собранието на Република Северна Mакедонија го изгласа Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи.
Од Министерството за економија соопштија дека со Законот се уредуваат условите и начинот како ќе се врши трговија со земјоделски и прехранбени производи.
„Неговата примена се очекува да влијае во намалување на цените на земјоделските и прехранбените производи, а со тоа и на квалитетот на производите“, се вели во соопштението од Министерството за економија.
Претходно вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи изјави дека веќе е создаден ред со цените на храната по завршувањето на мерката „гарантирана цена“, откако дел од компаниите најавиле дека ќе ги задржат гарантираните цени до 15 мај годинава.
Тој уверува дека системското решение е законот за забрана на нефер трговски практики.
„Секако, законот е системско решение, решение кое што сме го немале и го немале никаде во Европа, е ново решение според ЕУ-директивите и мислам дека конечно ќе значи правиот пат којшто сите го бараме, а тоа е патот кон европската интеграција“, изјави Битиќи.
Видете и ова: Битиќи: Дел од компаниите ќе ги задржат гарантираните цени до 15-ти мајПо освојувањето на Законот, треба да има поефикасна контрола и надзор за што ќе биде задолжена Комисијата за заштита на конкуренцијата. Но, дури откако ќе обезбеди луѓе и средства, за што е поставен рок од шест месеци од донесувањето на законот.
Во Законот исто така е наведено процентуално колку може да биде максималниот
рабат кој може маркетите да го бараат од производителите и добавувачите кои сега надминуваат над 30%-40% од цената. Со ова решение е предвидена листа на земјоделски и прехранбени производи каде рабатот ќе биде ограничен на 10% и во рамките на тоа ќе конкурираат меѓу себе ланците на супермаркети што ќе влијае во намалување на цените.
За непочитување на законските одредби засега во предлог решението се предвидени глоби до 20 000 евра.
Инаку, цените растеа и додека важеше мерката за замрзнати цени на одредени производи. Синдикалната потрошувачка кошничка во февруари била зголемена за 313 денари, според Сојузот на синдикатите на Македонија. Тоа е продолжување на трендот на раст на цените, со што само за два месеци трошоците за живот се зголемија за околу 1000 денари, откако во јануари синдикалната потрошувачка кошничка порасна за 641 денар.