Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека веќе е создаден ред со цените на храната по завршувањето на мерката „гарантирана цена“, откако дел од компаниите најавија дека ќе ги задржат гарантираните цени до 15 мај годинава.
Тој уверува дека системското решение е законот за забрана на нефер трговски практики што денеска е на пленарна седница во Собранието.
„Очекувам да е создаден редот. Првите реакции на стопанствениците минатата недела беа навистина позитивни, за охрабрување и рекоа заради тоа што сакаат да бидат општествено одговорни ќе ги задржат истите замрзнати цени до 15 мај. Тоа се неколку компании и тоа е охрабрување дека сепак наспроти сè што се случуваше во изминатиот период кога нема нарушување на вредносниот ланец, ланецот на набавка дека стопанствениците знаат да бидат општествено одговорни и да не прават притисок кон крајните корисници. Секако, законот е системско решение, решение кое што сме го немале и го немале никаде во Европа, е ново решение според ЕУ-директивите и мислам дека конечно ќе значи правиот пат којшто сите го бараме, а тоа е патот кон европската интеграција“, одговори Битиќи на новинарско прашање.
Видете и ова: Ниту закон нема да помогне против високите цениТој потсетува дека Државниот пазарен инспекторат прави надзор и инспекции и кога ќе воочи недоследности што се спротивни на законските одредби соодветно постапува. Битиќи вели дека веќе се издадени две глоби на два супермаркета.
Предлогот на Законот за нефер трговски практики, со кој властите очекуваат да запре нелојалната конкуренција во трговијата е на дневен ред на денешната собраниска седница.
Доколку законот се усвои, треба да има поефикасна контрола и надзор за што ќе биде задолжена Комисијата за заштита на конкуренцијата. Но, дури откако ќе обезбеди луѓе и средства за што е поставен рок од шест месеци од донесувањето на законот.