Путин тврди дека рускиот нуклеарен арсенал е „понапреден од американскиот“

Рускиот претседател Владимир Путин

Рускиот претседател Владимир Путин во среда(13 март) изјави дека руското нуклеарно оружје е „понапредно“ од американското и посочи дека рускиот арсенал е секогаш „подготвен“ за нуклеарна војна.

„Само Американците и ние навистина имаме тријади. И тука сме многу понапредни. Целата наша нуклеарна компонента е помодерна“, рече Путин во интервју за руската телевизија.

„Соединетите Држави ги развиваат своите компоненти. И ние. Ова, според мене, не значи дека тие сакаат да започнат нуклеарна војна, но ако сакаат, ние сме подготвени“, рече Путин.

Тој исто така рече дека Русија е „подготвена“ за нуклеарен конфликт, но дека никогаш не размислувал да употреби такво оружје.

Видете и ова: Путин предупреди на ризик од нуклеарна војна ако НАТО испрати војници во Украина

Путин повторно негираше дека размислува да употреби нуклеарно оружје во Украина.

„Зошто треба да користиме средства за масовно уништување? Никогаш немало таква потреба“, рече тој, посочувајќи дека руската воена доктрина предвидува употреба на нуклеарно оружје доколку опстанокот на Русија е загрозен или во случај на „напад врз суверенитетот и независност“ на Русија, пренесува Франс прес.

Тој посочи дека испраќањето војници на НАТО во Украина нема да промени ништо „на бојното поле“.

„Доколку се работи за официјални воени контингенти на странски земји, сигурен сум дека тоа нема да ја промени ситуацијата на бојното поле. Тоа е најважно, исто како што испраќањето оружје не менува ништо“, изјави рускиот претседател.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг изјави дека Алијансата нема да испрати трупи во Украина, иако францускиот претседател Емануел Макрон не ја исклучи можноста за испраќање на француски војници во Украина.