Американскиот претседател Џо Бајден и неговиот претходник Доналд Трамп во вторникот (12 март) официјално ги обезбедија претседателските номинации на Демократската и Републиканската партија по одлучувачките победи во Џорџија, Мисисипи и државата Вашингтон. Сега трката за Белата куќа влегува во нова фаза.
На партиските избори, Бајден освои повеќе од 1968 делегати потребни за формално да ја обезбеди демократската претседателска номинација, а Трамп освои најмалку 1215 потребни за републиканската номинација.
Кандидатурата на Бајден ќе биде официјализирана на партиската конвенција во Чикаго во август, а на Трамп на конвенцијата во Милвоки еден месец претходно, јавува Гласот на Америка.
Според американскиот изборен процес, делегатите им се доделуваат на кандидатите врз основа на резултатите од партиските избори во одделни држави. За да ја обезбеди номинацијата, кандидатот мора да има одреден број делегати кои потоа формално се изјаснуваат на партиските конвенции.
Бајден немаше сериозен ривал во трката за претседателска номинација, и покрај неговата мала популарност и загриженоста на гласачите за неговата возраст. Некои демократи, исто така, протестираат поради поддршката на Бајден за Израел во Газа во војната против Хамас, кој САД и Европската Унија го прогласија за терористичка организација.
Неговите сојузници, сепак, се надеваат дека тој ќе биде поддржан од демократската база и независните гласачи кои се плашат од второто претседателство на Трамп.
Бајден ја претставува трката како борба за слобода, во Америка и во странство. Тој ја споредува својата поддршка за Украина и работа на проширување на НАТО со пофалбите на Трамп за рускиот претседател Владимир Путин и пораките дека ќе и каже на Русија да ги нападне членките на НАТО кои не ги исполнуваат своите финансиски обврски.
„Соочени сме со отрезнувачка реалност. Слободата и демократијата се загрозени овде во Америка како никогаш досега од Граѓанската војна. Доналд Трамп води кампања на незадоволство и одмазда што ја загрозува самата идеја за Америка. Верувам дека Американците ќе изберат да продолжат да се движат во иднината“, рече Бајден во изјавата по обезбедувањето на номинацијата. Тој истакна и дека му е чест што ја добил втората претседателска номинација на демократите.
Видете и ова: Резултатите од „Супер вторник“ поволни и за Трамп и за БајденИсходот од прелиминарните избори на републиканците во вторникот беше исто така неизбежен, особено откако единствената ривалка на Трамп, Ники Хејли, се повлече од трката минатата недела.
По изборите во вторник во четири држави, меѓу кои и Хаваи, веќе нема сомнеж дека Бајден и Трамп повторно ќе бидат во трка за претседател на изборите на 5 ноември, иако не се одржани ниту половина од партиските избори. Тоа ќе биде прв пат од 1912 година двајца американски претседатели да бидат кандидати на изборите, пренесува АП.
Исто така, првпат од 1956 година исти кандидати се во два изборни циклуси. Тогаш републиканскиот претседател Двајт Ајзенхауер по втор пат го победи поранешниот демократски гувернер на Илиноис, Адлај Стивенсон.
Оваа година, анкетите покажуваат дека многу гласачи не сакаат да се повтори трката во 2020 година, додека Бајден и Трамп се непопуларни меѓу повеќето гласачи, според истражувањето на Ројтерс и Ипсос.
Пред изборите во вторник, Трамп призна дека Бајден ќе биде кандидат на демократите и повторно го нападна поради неговата возраст.
„Претпоставувам дека тој ќе биде кандидатот. Јас сум неговиот единствен противник, освен самиот живот“, изјави Трамп за CNBC.
Видете и ова: Бајден во говорот за состојбата на нацијата: Нема да му се поклонам на ПутинНа митингот во Џорџа, тој ги повтори неоснованите тврдења дека изборите во 2020 година се украдени и го нападна Бајден дека не успеал да го спречи протокот на мигранти на границата со Мексико. Прашањето за имиграцијата е централно во неговата кампања.
И додека двајцата кандидати се обидуваат да покажат сила во клучната држава, сепак се соочуваат со повеќе проблеми.
Против Трамп беа покренати четири обвиненија со вкупно 91 точка, меѓу другото, за чување доверливи документи откако тој ја напушти функцијата претседател и се обиде да ги промени резултатите од изборите во 2020 година.
Исто така се поставуваат прашања и за неговата политика доколку победи на изборите, како и за неговите односи со некои од најопасните диктатори во светот.
Бајден се обидува да ги убеди скептичните гласачи дека се уште е физички и психички способен да ја извршува функцијата претседател. Тој се соочува и со протест од прогресивното крило на партијата поради тоа што не вложи повеќе напори за да се запре војната меѓу Израел и Хамас во Газа.
Минатиот месец во Мичиген повеќе од 100 000 гласачи се изјаснија како неопределени. Таа кампања на партиските избори освои вкупно 20 делегати.