Собранието денеска треба да ја започне новата 148-та седница, на која меѓудругото, се очекува да бидат донесени предлог на законите за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи, за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка, за Канцеларија за поврат на имот.
Предлогот на Законот за нефер трговски практики, со кој властите очекуваат да запре нелојалната конкуренција во трговијата, веќе помина на комисиската расправа во Собранието.
Новата регулатива треба да ги спречи манипулациите со цените во синџирот на снабдување и препродавање на производите, откако било утврдено дека често се случувале нерегуларности, според наведеното во предложениот текст на законот.
Видете и ова: Ниту закон нема да помогне против високите цениДоколку законот се усвои, треба да има поефикасна контрола и надзор за што ќе биде задолжена Комисијата за заштита на конкуренцијата. Но дури откако ќе обезбеди луѓе и средства за што е поставен рок од шест месеци од донесувањето на законот.
Министерот за економија Крешник Бектеши неодамна рече дека во периодот до целосната примена на законот нема да има енормно зголемување на цените на производите.
Цените растеа и додека важеше мерката за замрзнати цени на одредени производи. Синдикалната потрошувачка кошничка во февруари била зголемена за 313 денари, според Сојузот на синдикатите на Македонија.Тоа е продолжување на трендот на раст на цените, со што само за два месеци трошоците за живот се зголемија за околу илјада денари, откако во јануари синдикалната потрошувачка кошничка порасна за 641 денар.