Пентагон ѝ вети на Украина оружје во вредност од 300 милиони долари

Украина - Украински војници возат американска М109 од 155 мм, среде рускиот напад врз Украина, во Доњецк, 13 јуни 2022 година

Пентагон ќе ѝ обезбеди на Украина околу 300 милиони долари во оружје, откако пронајде некои заштеди во своите договори, изјавија високи претставници на одбраната на 12 март.

Тоа е првиот најавен безбедносен пакет на Пентагон за Украина од декември, кога Пентагон призна дека нема средства да го пополни пакетот.

Само во последните денови функционерите јавно признаа дека не само што останале без средства, туку и дека надминале 10 милијарди долари.

Видете и ова: Пентагон нема повеќе пари за Украина, помош бара од сојузниците на САД

Средствата за надополнување му овозможија на Пентагон да повлече муниција, системи за противвоздушна одбрана и друго оружје од резервите, да ги испрати во Украина, а потоа да склучи договори за замена на тоа оружје.

Најавата за помош доаѓа откако полските водачи во Вашингтон извршија притисок врз САД да обезбедат средства за Украина во критичниот период од војната.

Полскиот претседател Анджеј Дуда се состана со демократските и со републиканските лидери во Домот и Сенатот на 12 март и требаше да се сретне со американскиот претседател Џо Бајден подоцна во текот на денот.

Видете и ова: Американскиот Сенат го одобри пакетот помош за Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски постојано бараше помош од Конгресот, но републиканското раководство на Претставничкиот дом не беше подготвено да го стави на гласање прашањето за помошта за Украина, велејќи дека секоја помош мора прво да ги реши потребите за безбедност на границата на САД.

Високи претставници на одбраната изјавија дека Пентагон успеал да заштеди околу 300 милиони долари во претходните договори со Украина и со оглед на ситуацијата на бојното поле, одлучил да ги искористи тие заштеди за да продолжи да испрати повеќе оружје.

Ова е втор пат за помалку од девет месеци Пентагон да „најде“ пари за дополнителна испорака на оружје за Украина. Минатиот јуни, претставниците на одбраната изјавија дека ја прецениле вредноста на оружјето што САД и го испратиле на Украина за 6,2 милијарди долари во последните две години.

Од почетокот на администрацијата на Бајден, САД определија повеќе од 44,9 милијарди долари помош за Украина, вклучително и повеќе од 44,2 милијарди долари од почетокот на руската инвазија на Украина, на 24 февруари 2022 година.