Соединетите Американски Држави се залагаат да продолжи дијалогот меѓу Северна Македонија и Бугарија базиран на факти и се посветени на определбата за одржување на европска перспектива на Северна Македонија, рече Габриел Ескобар, пратеник на САД за Западен Балкан, на онлајн брифинг за медиумите во Брисел.
Ова беше одговорот на Ескобар на прашање дали Предлог-резолуцијата на американскиот Сенат со која се бара отворање на првиот преговарачки кластер на ЕУ со земјава без дополнителни билатерални услови, претставува промена на позицијата на САД во однос на промената на Уставот.
„Северна Македонија и Бугарија се ценети НАТО членки и сојузници и сакаме мирно решение на сите прашања, но го охрабруваме дијалогот меѓу Северна Македонија и Бугарија да остане врз основа на факти и вкоренет во заложбата Северна Македонија да продолжи да има ЕУ перспектива. И верувам дека имаме осигурувања од Бугарија дека тие сакаат Северна Македонија да биде дел од ЕУ. Сакаме да ги искористиме тие можности бидејќи Северна Македонија треба да биде целосен кандидат и итен кандидат за членство во ЕУ“, рече Ескобар.
Видете и ова: Ескобар - Бугарија уверува дека нема да има нови услови за Скопје на патот кон ЕУКако што кажа тој, Вашингтон очекува по изборите, Северна Македонија да добие влада посветена на членството во Алијансата и на интегрирањето во ЕУ.
„Претходната Влада беше посветена на членство во НАТО и на пристапувањето во ЕУ и нашите очекувања се владата што ќе дојде по изборите да биде слично посветена на членството во НАТО, пристапувањето во ЕУ и на борбата против корупцијата“, рече Ескобар на брифинг во Брисел пред неговата посета на Приштина, Виена и Подгорица.
Односите меѓу Северна Македонија и Бугарија се напнати во изминатите години, откако Софија започна со блокада на македонските евроинтеграции во 2019 година.
Минатото лето Бугарија, како и Северна Македонија, го усвоија таканаречениот француски предлог и Софија го укина ветото за почеток на преговорите за влез на Северна Македонија во ЕУ.
За да почне отворањето на поглавјата со ЕУ како услов остана промена на Уставот на Северна Македонија за да бидат вметнати Бугарите во Преамбулата.
Погубно е спроведувањето на одлуката на Централната банка на Косово
Ескобар ја нарече „катастрофална“ и „некомпетентна“ одлуката на косовските власти да го спроведат указот на Централната банка на Косово, со кој еврото стана единствена валута за плаќање.
Со тоа е оневозможено користењето на српскиот динар во општините со српско мнозинство во Косово.
„Ја повикуваме Владата на Косово да ја земе предвид загриженоста на српската заедница и меѓународниот механизам за третман на малцинствата во Косово“, рече тој.
Во периодот од 10 до 18 март, Ескобар ќе одржи низа средби во Белгија, Австрија, Косово и Црна Гора.
Тој се очекува да се сретне со официјални лица во Приштина на 13 март. Ескобар изјави дека за време на посетата на Приштина ќе се фокусира на „можното решение за недоговорената одлука за стопирање на динарот, како и за трансферите од Србија до граѓаните на Косово кои зависат од нив“.
Прашан дали политиката на САД кон Косово и Србија се променила по почетокот на руската војна во Украина во февруари 2022 година, Ескобар рече дека ништо такво не се случило.
„Итноста што постои за решавање на предизвиците за европската стабилност во рамките на европскиот континент се промени“, објасни тој.
Во оваа насока, Ескобар оцени дека е итно „да се започне со решавање на некои отворени прашања на Западен Балкан“.
Според него, она што се случува на Западен Балкан, „иако го отвора патот за злонамерно влијание на Русија, не е секогаш предизвикано од активностите на Москва“, истакнувајќи дека проблемите се враќаат многу далеку во минатото.
„Со решавање на овие прашања, се надевавме дека ќе спречиме каква било можност Русија да ја искористи нестабилноста на Балканот како начин за слабеење на трансатлантската безбедност“, рече Ескобар.