Израел и Хамас, организација која Соединетите Американски Држави и Европската Унија ја означија како терористичка, не се блиску до договор за запирање на борбите во Газа и ослободување на заложниците, рече катарскиот посредник на 12 март, предупредувајќи дека ситуацијата и натаму е „многу комплицирана“.
И покрај неколкунеделните преговори на кои учествуваа американски, катарски и египетски посредници, сè уште нема примирје и размена на заложници кон кои тие се стремеле.
„Не сме блиску до договор, што значи дека не гледаме дека двете страни се приближуваат кон јазик што може да го реши сегашното несогласување околу спроведувањето на договорот“, рече портпаролот на Министерството за надворешни работи, Мајед ал-Ансари.
Сите страни „продолжуваат да работат на преговорите за постигнување договор, се надеваме дека за време на Рамазан“, рече Ансари на прес-конференција.
Тој додаде дека не може „да понуди никаква временска рамка“ за договор, додека конфликтот останува „многу комплициран на теренот“.
Војната започна со нападот на Хамас на 7 октомври во кој загинаа 1.160 луѓе во Израел, главно цивили.
Екстремистите на Хамас земаа и околу 250 заложници, од кои десетици беа ослободени за време на еднонеделниот прекин на огнот во ноември. Израел верува дека во Газа останале живи 99 заложници, а таму останале телата на 31 заложник.
Во израелското бомбардирање и копнената офанзива загинаа 31.112 Палестинци, главно жени и деца, според Министерството за здравство на Газа.
Катар претходно посредуваше за еднонеделна пауза во борбите на крајот на ноември, кои доведоа до ослободување на десетици израелски и странски заложници, како и доставување помош за Газа.