Скоро 50 отсто од децата во градинките во Скопје се невакцинирани или се делумно вакцинирани против пертусис, додека во внатрешноста над 95 отсто од дечињата се вакцинирани, информираше денеска (12 март) директорката на Државниот санитарен здравствен инспекторат Рената Младеновска.
ДСЗИ, како што рече, ги контролира и приватните градинки.
Фактот што околу 50 отсто од децата се невакцинирани или нецелосно, како што оцени, е поразувачки. Податоците се од списоците што биле доставени вчера до ДСЗИ од градинките, а акцијата ќе продолжи.
Од вчера ДСЗИ врши надзори низ градинките и издава решение за забрана за примање деца кои се невакцинирани или нецелосно против пертусис.
„Директорите ни дадоа уверување дека ќе ја почитуваат, а за тоа ќе провериме во текот на денов и во наредните денови“, рече Младеновска.
Видете и ова: Демири: Засилени инспекции има и во градинките и во другите градовиБројот на заболени со голема кашлица, според податоците до 6 март, само во Скопје изнеснува 141 лице. Само минатата недела Институтот за јавно здравје регистрираше 50 нови случаи на голема кашлица. Вчера (11 март) Центарот за јавно здравје - Скопје потврди 3 нови случаи, сите целосно вакцинирани, двајца се на училишна возраст и една е 24 годишна жена.
Кај деца, првата доза вакцина ДТП се дава на деца на возраст со навршени два месеца, втората доза на возраст од четири месеци и третата доза на возраст од шест месеци.
Првата ревакцинација се врши една година по комплетирањето на примарна вакцинација, на 18-месечна возраст. Втората ревакцина се дава во второ одделение, односно на 7-годишна возраст.