Од Кипар тргна првиот брод со хуманитарна помош за Газа

Бродot Open Arms плови со хуманитарна помош за Газа од кипарското пристаниште Ларнака, 12 март 2024

Брод со речиси 200 тони храна за Газа го напушти пристаништето во Кипар во вторник утрото (12 март) во пилот-проектот за отворање на нова поморска рута за помош на палестинското население кое се наоѓа на работ на глад.

Хуманитарниот брод Отворени раце (Open Arms) транспортира брашно, ориз и протеинска храна. Бродот му припаѓа на истоимената шпанска добротворна организација.

Засега нема детали кога точно бродот ќе пристигне во Газа.

Мисијата, која главно е финансирана од Обединетите Арапски Емирати, е организирана од американската добротворна организација World Central Kitchen (WCK), додека шпанска добротворна организација управува со бродот.

„Нашата цел е да воспоставиме поморски автопат на бродови и бродови со милион оброци кои континуирано ќе одат во Газа“, изјавија основачот на WCK, Хозе Андрес и главниот извршен директор Ерин Гор.

Видете и ова: ЕУ тестира поморски пат за да испорача помош за Газа

Иницијативата не е поврзана со американскиот план за изградба и управување со крајбрежно пристаниште во близина на брегот на Газа, што ќе овозможи брза испорака на хуманитарна помош.

Добротворните организации имаат намера да достават помош директно до Газа, палестинската територија која е затворена од надворешниот свет, откако Израел започна офанзива како одговор на минатогодишниот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври. САД и ЕУ го прогласија движењето Хамас за терористичка организација.